Направете вкусна посна обланда со чоколадо и бисквити - Шеталиште

Новости

Рецепти

Направете вкусна посна обланда со чоколадо и бисквити

Уште еден испробан рецепт од кујната на Сѐ за храна. Драги пријатели, време е за многу вкусен и едноставен рецепт, за домашна посна обланда со чоколадо и бисквити. Ние направивме вкусна дегустација со најблиските, а сите уживаа и се засладуваа со овој рецепт, па затоа го споделуваме со вас. Она што најмногу ни се допаѓа е дека потребни ви се само 10-тина минути за да ја направите, нема матење и нема печење, а нема и многу валкани садови. Со оглед на тоа дека ќе добите многу парчиња, поканете ги пријателите на дегустација. А ако ви останат неколку парчиња обланда, спакувајте ја и замрзнете ја.

Состојки: 

1 пакување обланда

450 мл вода

400 грама шеќер (по желба количината на шеќерот може да ја намалите)

1 ќесичка ванилин шеќер или 1 мала лажичка екстракт од ванила

200 – 250 грама мелени бисквити

200 грама чоколадо за готвење.

Подготовка: 

1. Во тенџере на оган, на средно висока температура ставете ја водата, шеќерот и ванилиниот шеќер да се варат.

2. Штом шербетот зоврие, варете уште минута до две, а потоа додајте ги мелените бисквити. Измешајте со лажица за да се добие хомогена смеса, а потоа тенџерето тргнете го од огнот.

3. Додајте го чоколадото искршено на коцки. Продолжете со мешање додека чоколадото се растопи. Филот поделете го на четири дела.

4. Земете го првиот лист обланда, ставете го во поголема тава и врз него ставете ¼ од филот. Филот распоредете го врз обландата. Потоа ставете го вториот лист и филувајте. Постапката повторете ја додека ги потрошите листовите обланда и филот.

5. Готовата посна обланда оставете ја неколку часа да се излади и да се стегне филот. Исечете ја на парчиња по желба и послужете ја. По желба декорирајте ја со парчиња чоколадо. На здравје!

To Top