Новости

Рецепти

Печени крофни со јаболка и цимет

Може да кажеме дека крофните се едни од најубавите десерти и ретко кој може да одолее! Сигурно сте слушнале и знаете дека пржените крофни се многу калорични. Тоа ни беше мотивација да најдеме рецепт за печени крофни кои подеднакво ќе бидат вкусни како и пржените, но ќе имаат помалку калории.

Па, во оваа прилика ви го претставуваме рецептот за печени крофни со јаболка и цимет! Подготовката е многу лесна и едноставна. Пробајте ги и не заборавајте да ни напишете во коментар како ви се допаднале.

Состојки:

  • 2 чаши брашно
  • ¾ чаша шеќер
  • 2 мали лажички прашок за печиво
  • прстофат сол
  • ½ чаша сок од јаболка (блендирани и процедени јаболка)
  • ¼ чаша млеко
  • 2 јајца
  • 1 мала лажичка екстракт од ванила
  • 1 лажица растопен путер.

За глазура:

  • ¼ чаша бел шеќер
  • ¼ чаша кафеав шеќер
  • 1 лажица цимет
  • 2 лажици растопен путер.

Подготовка:

  1. Пуштете ја рерната да се загрева на 165 степени.
  2. Калапот за крофни намрсете го.
  3. Во голем сад измешајте ги брашното, шеќерот, печивото и солта.
  4. Јајцата ставете ги во сад за матење. Изматете ги со миксер додека се добие густа смеса.
  5. Во друг сад ставете ги сокот од јаболка, млекото, јајцата, екстрактот од ванила и растопениот путер. Измешајте ги со жица за матење додека добите хомогена смеса. Во садот со брашното додадете ја смесата со сокот од јаболка и добро измешајте.
  6. Во секоја чашка од калапот ставајте од смесата по ¾ од висината.
  7. Калапот ставете го да се пече во загреаната рерна за време од 8 до 10 минути. Кога крофните ќе се испечат, оставете ги да се малку изладат во калапот, а потоа извадете ги.
  8. Во чинија измешајте ги белиот шеќер, кафеавиот шеќер и циметот. Секоја крофна натопете ја во растопен путер, а потоа валкајте ја во смесата од шеќер и цимет. На здравје!

Извор: sezahrana.mk

To Top