Новости

Филм

Ањес Годар: Се повеќе жени работат како кинематографери

На денешната утринска прес-конференција на фестивалот „Браќа Манаки“ беше претставена Ањес Годар,  кинематограферката на македонскиот филм „Кога денот немаше име“ на Теона и Лабина Митевски кој вечерва ја има својата македонска премиера на фестивалот во Битола. Годар и е добро позната на битолската публика зашто таа токму на фестивалот „Браќа Манаки“ во 2013 година ја доби Специјалната награда Златна Камера 300 за нејзиниот особен придонес кон светската филмска уметност.

На денешната средба присутните ја прашаа за соработката со режисерите, дали повеќе сака да работи со млади или пак со поискусни режисери.

„Среќна сум што сум тука со македонскиот филм, сакав да останам уште вечерва на проекцијата, затоа што вечерва морам да заминав за Париз. Сакам да работам со млади режисери кои ве туркаат напред, ве тераат да истражувате. Работењето со поискусните режисери не е многу различно ако тие сакаат да откриваат нови работи. Она што мене ме носи е вербата во филмот и дека треба да оствариме нешто ново,“ изјави француската кинематограферка Ањес Годар.

За македонскиот филм таа истакна дека е сниман на натурален начин без интервенција и тоа ќе може да ги види вечерва публиката.

На прашањето пак за каква е состојбата со жените кинематограферки во Франција, но и воопшто, таа рече дека се повеќе жени работат како кинематограферки.

„Состојбата е променета на подобро. Се сметам себеси среќна затоа што во Франција оваа професија е отворена за жените од порано и се повеќе жени работат како кинематографери,“ рече Годар.

Ањес Годар е родена на 28 мај 1951 година во Дун-на Орон, Шер, Франција. Започнува со студии по новинарство, но се префрла на филмски студии, дипломирајќи на познатата Париска школа IDHEC во 1980 година. Таа започнува да работи како камера асистент/снимател, учејќи од големите кинематограферски бардови: Виерни и Алекан. Потоа, Годар се запознава со француската режисерка Клер Дени, со која започнува плодна соработка. Нивниот прв поголем успех го доживуваат со УБАВА РАБОТА (1999, која на Годар ѝ ја носи наградата Цезар и награда од Американската филмска критика), потоа доаѓа филмот ПЕТОК НАВЕЧЕР (2002). Во 2013 година тие го снимаат филмот КОПИЛИЊА (прикажуван на Кан, во Извесен поглед). Освен добиената награда Цезар, таа е и три пати номинирана за истата награда за филмовите: ДОМ (2008, на австриската режисерка Урсула Мејер), ЖИВОТ ОТСОНУВАН ОД АНГЕЛИ (1998, режија Ерик Зонка) и ЗАСКИТАН (2004, режија Андре Тешине).

КОГА ДЕНОТ НЕМАШЕ ИМЕ

СН Финансии
To Top