Новости

Филм

Гран при и плакета „Милтон Манаки“ за британскиот аматерски филм „Пофалба за црвената телефонска кутија“

Аматерскиот филм „Пофалба за црвената телефонска кутија“ на авторот Џејмс Калмерс од Велика Британија го доби највисокото фестивалско признание на фестивалот, Гран при и плакета „Милтон Манаки“ на аматерски документарен филм „Камера 300“ кој оваа година слави 25 години постоење.

Највисокото признание, како и останатите награди ќе бидат доделени вечерва, на свеченото отворање на фестивалот во Центарот за култура Битола. Според одлуката на мешународното жири останатите награди кои ќе се доделат се следните: златна „Камера 300“ за Радован Ѓериќ од Србија автор на филмот „Село во срцето на градот“, сребрена „Камера 300“ ќе добијат Драго Латиновиќ и Илија Галоња, исто така, од Србија, додека бронзена „Камера 300“ годинава доби македонскиот автор Петре Чаповски за филмот „Виолинист“.

Меѓународното жири предводено од Стефан Сидовски, а во кое учествуваа и Мишо Нетков, како и гостите од странство Станимир Трифонов од Бугарија, Јосип Гроздановиќ од Хрватска и Владимир Анѓелковиќ од Србија одлучија златниот медал на УНИКА да му припадне на Томе Љушев автор на аматерскиот непрофесионален документарен филм „Страсна недела – Бигорски манастир“, плакета за најдобра камера на Милан Живковиќ од Србија, плакета за режија „Драги Савевски“ на Горан Поповски автор на филмот „3Р 3Р“, плакета за монтажа на гостинот од Германија Оскар Георг Шиберт, плакета за идеја доби Јосеп Рота од Шпанија, а плакета за репортажа ќе му биде доделена на Диме Талевски автор на документарните филмови „Манастир Св. Марина“ и „Колешински водопади“.

-Стручното жири одлучи годинава да додели и неколку специјални награди и тоа на општинското основно училиште „Христо Узунов“ од Охрид за посебен придонес во аматерскиот документарен филм, потоа на Оливера Грујевска за поетскиот израз во аматерскиот филм „Носталгија за едно време“ и на Валентин Иванов и Стефан Николајев од Бугарија за континуирано учество на фестивалот во Битола, потврди Стевче Хаџиантоновски, директор на ФАДФ „Камера 300“.

Оваа година фестивалот „Камера 300“ се одржува под мотото „Од сон до јаве“ и е посветен на моментот кога сонот на филмските аматери од Битола стана стварност пред четврт деценија. Кога желбата да се организира една филмска манифестација каде се вреднува трудот на филмските аматери стана реалност.

„Иницијативата за организирање на фестивал на филмските непрофесионалци се наметна после осамостојувањето на Република Македонија и на една неврзана средба во Кино сојузот на Македонија се покрена иницијатива за организирање на еден фестивал во Битола како признание и почит кон патронот на Клубот и заслужен филмски деец Милтон Манаки и неговиот брат. Така во 1993 година е организиран Првиот фестивал на аматерскиот документарен филм насловен како ФАДФ „КАМЕРА 300“. На фестивалот се пријавија сите клубови од Македонија и автори со свои филмови снимани на филмска лента од 8, супер 8 и 16 мм кој се одржа во пресрет на 4 Ноември –денот на ослободувањето на Битола и како таков е зацртан истиот да се одржува токму во пресрет на овој ден, односно последниот викенд во Октомври. Фестивалот следната година беше организиран со гости пријатели на Клубот од Србија, а Третото издание да биде фестивал со меѓународно учество од Србија и Бугарија, а понатаму продолжи како интернационален фестивал на кој свои филмови редовнно изпраќаат автори и клубови од многу земји од Европа и светот.

Со зачленувањето на Кино сојузот во светската асоцијација УНИКА фестивалот доби многу како во бројот на учесници така и во квалитетот на филмовите кои доаѓаа на истиот. Посебно голема е заслугата на организаторот на Фестивалот што истиот е под патронат на УНИКА и со тоа се зголеми популарноста на истиот насекаде низ целиот свет од каде доаѓаат и филмови. Жирито секогаш е интернационално кое ги вреднува филмовите и ги одредува лауреатите на истиот. Во изминатиот период на фестивалот учествуваа преку 800 филма од преку 18 земји. Највисокото признание ГРАН ПРИ плакета Милтон Манаки ја понесоа голем број на автори, а некои повеќекратно. Годинава на 25-то издание таа бројка е многу поголема за разлика од минатите години,“ велат организаторите на ФАДФ „Камера 300“.

GOLD
SN Finansii
To Top