Утре во Битола македонска премиера на новиот филм на Теона и Лабина Митевски „Кога денот немаше име“ - Шеталиште

Новости

Филм

Утре во Битола македонска премиера на новиот филм на Теона и Лабина Митевски „Кога денот немаше име“

Во рамките на Главната програма на 38.издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, на 29 септември, со почеток во 19,30 часот, во големата сала на Центарот за култура – Битола, премиерно ќе биде прикажан македонскиот филм „Кога денот немаше име“, во режија на Теона Митевска. Кинематограферка на овој филм е познатата Ањес Годар, која освен овој филм, го потпишува и „Нека влезе сонцето“. Сценариото на филмот „Кога денот немаше име“ е на Елма Татарагиќ и Теона Стругар Митевска, продуцент е Лабина Митевска.

Улогите ги толкуваат Леон Ристов, Ханис Багашов, Стефан Китановиќ, Игорчо Постолов, Драган Мишевски и Иван Вртев Шоптрајанов, потоа Ратка Радмановиќ, Николина Кујача, Ана Костовска и Лабина Митевска, за првпат се појавуваат и Петрунија Киселички и Инес Ходич.

Филмот „Кога денот немаше име“ е македонски мнозински проект, кој е реализиран во продукција на „Сестри и брат Митевски“, со копродуцентите „Вертиго“ од Словенија и „Ентре Шиен е Луп“ од Белгија, при што поддршката од страна на Агенцијата за филм на

Македонија изнесува 30.000.000 денари, а покрај тоа, филмот е финансиран и од страна на Еуримаж. Филмот „Кога денот немаше име“ светската премиера ја имаше во програмата „Панорама Специјал“ на Берлинскиот филмски фестивал.

Филмот „Кога денот немаше име“ ја раскажува приказната за шест тинејџери. Милан и неговиот најдобар пријател Петар подготвуваат авантуристичка екскурзија со своите другари некаде на периферијата на Скопје. Тие се возбудени од претстојната ноќ на пиење и лудување пред раноутринската риболовна експедиција. Тие се типични тинејџери, полни со сексуални и романтични тензии и возбуда, вознемирени и оптоварени со пари и материјални нешта. Понекогаш се ѓаволести, понекогаш и ангелски; гладни за да бидат возрасни, а сепак со детско однесување. Во дисфункционални односи со своите родители, во семејства нарушени од транзициските маки, тие се генерација која расте растргната од социјална несигурност и сомнителни вредности. Нивната ноќ на луда забава е одбележана со несреќна посета на тинејџерка-проститутка и целосно е превртена со ненадеен конфликт…

 

http://www.filmpressplus.com/?films=when-the-day-had-no-name

To Top