Новости

Филм

Филмаџиите на Браќа Манаки: Имаме одговорност да апелираме за важните теми во општеството

Четвртиот фестивалски ден на „Браќа Манаки“ поминува во знакот на големите кинематограферски имиња. Мастер класа со Кристијан Бергер во соработка со „Првите филмови на прво место“, филмска проекција за најмладите, како и голем избор на филмови за љубителите на европското кино и документарните филмови.

Уметничката директорка на фестивалот Гена Теодосиевска, денеска го претстави и годинешното жири кое ќе ги оценува кинематограферите на филмовите од главната компетиција за „Златна камера 300“. Претседател на жирито е Пол Рене Ростад од Норвешка, а останатите членови се Лука Коасин од Италија, Јани Петери Паси од Финска, македонскиот режисер Даријан Пејовски и  Ерол Зубчевиќ од Босна и Херцеговина.

Претседателот на жирито Пол Рене Ростад истакна дека не е лесна работа да се оценат толку добри кинематографери, тоа според него, е како да бираш помеѓу ремек дела на Ван Гог или Рембрант, но за тоа имаат три критериуми по кои ќе водат при изборот:

-Најпрво го оценуваме фрејмот, потоа употребата на светлото и се разбира креативноста на кинематограферот – рече Пол Рене, додавајќи дека е среќен и почестен што се наоѓа на фестивалот во Битола, кој според него е најшармантниот филмски фестивал кој го посетил.

За искуството да се биде дел од жири-комисија, сите членови се согласија дека не е лесна работа да се оценува делото на друг кинематографер, а во процесот и самите можат да научат многу.

-Кога го набљудуваш начинот на кој младите кинематографери го преведуваат јазикот на режисерот во емоција, неизоставно учиш и самиот – вели Лука Коасин.

Јани Петери Паси, минатогодишниот добитник на „Златна Кмаера 300“, истакна дека детектирајќи ги туѓите грешки, потоа самиот внимава да не ги повторува, а Даријан Пејовски рече дека е интересно искуство да се биде единствениот режисер во жирито составено од кинематографери.

Лука Коасин, пак беше пријатно изненаден кога Гена Теодосиевска на крајот на прес конференцијата му ја врачи  Малата Златна камера 300, која ја освои на минатогодишното издание на „Браќа Манаки“, но до сега статуетката не успеала да стигне во негови раце.

Филмот „Жаба“, кој синоќа беше прикажан како дел од официјалната компетиција наиде на одличен прием и воодушевување кај македонската публика. Приказната за справувањето со поствоената траума на главниот лик, работена по сценарио на Пјер Залица и Елмир Јукиќ, доживеа огромен успех и во својата филмувана верзија, како и претходно – како театарска претстава. За филмот говореа продуцентот Адемир Кеновиќ,македонскиот кинематографер Дејан Димески, режисерот Емир Јукиќ и копродуцентот Томи Салковски.

На „Жаба“ работеше и македонски тим, како дел од сложената копродукција помеѓу Босна и Херцеговина, Македонија, Србија, Хрватска и Словенија.

Продуцентот Адемир Кеновиќ влегол во проектот бидејќи смета дека поствоениот стрес е тема која е многу значајна за овие простори, но ваквите теми во филмовите не треба да имаат цел да ги заплашат луѓето, туку баш напротив, да извлечат нешто позитивно од тоа:

-Уште кога ја погледнав театарската претстава  „Жаба“, си помислив дека ова треба да го видат многу повеќе луѓе, и бев пресреќен што околностите се склопија така да се направи и овој филм со кој луѓето можат да се идентификуваат и да го доживеат како една своевидна колективна терапија. Ние како филмски работници имаме одговорност да ги адресираме овие теми и да се трудиме преку она што го работиме да ги поместиме работите во општеството на подобро – рече Кеновиќ.

Продуцентот Томи Салковски пак, рече дека е презаситен од пост воени филмови, но откако стигнал до крајот на сценариото сфатил дека ова е всушност оптимистички филм за нов почеток.

-Ова е значајна тема, која ни докажува дека имаме сили во нас и можеме да почнеме одново. Среќен сум што сите екс-ју држави ја увидоа важноста на темата и се приклучија како копродуценти. Македонскиот дел од тимот учествуваше со своја екипа на сниматели и во делот на звукот – рече Салковски.

Режиерот Елмир Јукиќ истакна дека приказната воопшто не е ограничена на балканскиот простор, туку совршено добро би функционирала и во поширок контекст.

Кинематограферот Дејан Димески, околу неговиот дел од работата истакна дека било предизвик да се работи во затворена просторија со многу прозорци и огледала и со долги кадри, кои би ја доловиле енергијата и изведбата на актерите – кон кои било прилагодено снимањето.

Рајнер Клаусман, кинематограферот кој во последните неколку години работи исклучиво во тандем со режисерот Фатих Акин, со својот последен филм „Од ништо“ наиде на огромен интерес кај фестивалската публика, со својата тематика, како и квалитетот на ова ново остварување на Акин. Клаусман е добитник на „Златна камера 300“ со филмот кој исто така го работел со Фатих Акин „Со глава во ѕид“, а на фестивалот учествувал и со филмот „На работ на рајот“.

На прашањето како го постигнал квалитетот на филмот, Клаусман одговори дека неколку работи може да ги издвои како најзначајни:

-За ваков филм најпрво ви е потребно добро сценарио, потоа добар режисер и се разбира, добри актери. Актерката Дијан Кругер имаше навистина одлична изведба, што морам да признаам дека ме изненади, бидејќи претходно не бев многу запознат со нејзината работа- вели Клаусман.

Тој како кинематографер има доста интересен пристап кон работата, а вели и дека повеќе работи од  стомак, отколку со мозок.

-Немам ригиден концепт во работата. Доколку нешто било однапред испланирано, но условите на сетот бараат промена, тогаш веднаш правам промена. Искрено, работам повеќе од стомак отколку со мозок – вели Клаусман.

За ексклузивноста која ја има во работата кон режисерот Фатих Акин, објасни дека морал да направи избор а со тој режисер имаат најмногу разбирање и одлично функционираат како тим:

-Во еден период од мојата кариера имав премногу работа, со тимот се гледав повеќе отколку со сопругата и морав во еден момент да донесам одлука. Решив да работам само со Фатих и да не прифаќам работа со други режисери, бидејќи тој е навистина одличен режисер во секој поглед- заклучи Клаусман.

Легендарниот француски мајстор на кинематографијата, Пјер Лом, добитник на наградата „Златна Камера 300“ за животно дело на 38. ИФФК „Браќа Манаки“, синоќа во малата сала на Центарот за култура во Битола зборуваше за својата филмска работа. Разговорот со Лом го водеше англискиот филмолог Најџел Волтерс.

-Да се биде кинематографер е сериозна работа и не е шега, бидејќи луѓето што се вклучени во снимањето филмови го вложуваат целиот свој живот, а тука мислам не само на кинематограферите, туку и на режисерите, актерите, монтажерите, продуцентите, и сите тие не се филм-мејкери, туку се синема-мејкери.

Лом објасни дека ако сакате да се занимавате со правење филмови мора да го познавате најважниот дел, а тоа е камерата. Иако на почетокот многу се интересирал за музиката, особено за џезот, сфатил дека нема таков талент и ентузијастички се посветил на филмската камера, на почетокот снимајќи документарни филмови низ Париз, за во денешно време, да стане еден од најзначајните кинематографери во филмската историја

Од главната компетиција за „Златна камера 300“ денес ќе се прикажат филмовите „Фелисити“ и „Без љубов“. Во програмата европски перспективи ќе се прикаже филмот „Викторија“, а во документарната програма филмот „Операција свадба“. Од програмата земја во фокус, љубителите на филм ќе можат да го погледнат австрискиот филм  „Илјадачасовна ноќ“ и данскиот „Да ја скратиме приказната“.

GOLD
SN Finansii
To Top