Новости

Филм

Документарен филм за Битола прикажан на фестивалот “Браќа Манаки”

Документарен филм за Битола, со посебен осврт на старата битолска чаршија, под наслов “Дамарите на старата битолска чаршија” синоќа беше прикажан во рамките на Интернационалниот филм на филмската камера “Браќа Манаки” во Битола.

Филмот ја пренесува приказната за старата битолска чаршија која е една од неколкуте најзачувани чаршии на Балканот, и покрај тоа што во комунистичко време еден дел од неа бил срушен. Рушењето однело и една жртва, бидејќи додека толпата народ набљудувала, загинала една девојка која била погодена од тула која летнала при експлозијата.

Чаршијата денеска е едно од најзначајните културно историски богатства на Битола, а филмот открива кои занаети изумираат, а кои одолеваат на забот на времето. “Интересно е што во чаршијата живее еден од најстарите уметнички занаети во светот. Тоа е рачна изработка на накит обвиткан со жица. Вакви примероци на накит, кои датираат 2000 години пред нашата ера, а кои ги носеле великодостојничките од Сумериската династија, можат да се видат во Британскиот музеј. Инспирацијата стигнала и до Битола, така што уникатниот накит ги освојува мушерииите во чаршијата, а посебно странските туристи. Ова покажува дека духот на древното во старата битолска чаршија сега е испреплетен со духот на модерното.”-рече пред синоќешната проекција авторката на филмот Анета Шијакова.

Дел од филмот е и приказната за познатиот битолски зограф Никола Крнчев, ученик на рускиот сликар Иван Мелников. Крнчев со уметникот Ристо Димовски заедно изработиле над 300 икони кои сега се наоѓаат во колекции низ Европа и во прекуокеанските земји.

Филмот го пренесува гледачот и во 19 век и почетокот на 20 век, кога во старата битолска чаршија имало око­лу 900 ду­ќа­ни. Дуќанџиите тргувале дури и со Индија, за што бил издаден специјален ферман од тогашните турски власти. Трговијата била толку многу развиена, што специјални кревети со позлатени рачки се порачувале од Манчестер. Покуќнина се носела од Виена, се тргувало со Франција, Германија и Италија преку Солун. Кожуварите своите крзна ги носеле во Лајпциг, а од таму носеле крзна кои тука ги немало. Сега таквите занаети во старата битолска чаршија веќе ги нема,”вели авторката Шијакова, која исто така и го режираше филмот.

Продуцент е Зоран Котевски, сценариото е на Каролина Николоска. Директор на фотографија е Стефче Крстевски, а за монтажата се погрижи Игор Николоски. Во улога на филмски асистенти се јавуваат Тони Степановски и деветгодишното талентирано момче Павел Николоски. Филмот е продуциран годинава како дел од фестивалот “Битфест 2017” со поддршка на општина Битола, а продукцијата е реализирана во соработка со Регионалната занаетчиска комора Битола. Истата екипа досега има работено на десеттина документарни филмови кои главно се однесуваат на Битола, а меѓу нив е и филмот ‘’Мостот меѓу Битола и Нинго” сниман во Кина.

СН Финансии
To Top