Новости

Кино

(Фото) Светска премиера на „Брзи и бесни 8“ во Битола

Синоќа, светската премиера на  „Брзи и бесни 8“ во Битола ја посетија вкупно 1035 посетители на двете закажани проекции.

Инаку франшизата „Брзи и бесни“ е еден од најгледаните филмови од самиот почеток на 3Д Киното во Битола, а очекувањата се дека токму овој, последниот дел ќе биде исто така еден од најгледаните бидејќи има фанови од сите генерации, истакна пред вчерашната премиера, директорот на Центарот за култура, Борче Димитровски.

-Тоа е еден акционен филм со „all star“ филмска екипа, започнувајќи од Вин Дизел, Џејсон Стетам, Д’ Рок, во овој филм се и Шарлиз Терон, Курт Расел, останатиот дел е екипата од претходните делови на франшизата, вели Димитровски.

Пред премиерата на „Брзи и бесни 8“ Центарот за култура организираше и наградна игра за избор на најубавото возило во Битола. Фотографиите на автомобили кои добија најмногу награди, односно автомобилите на шесте добитници беа паркирани пред Центарот за култура.

– Сакавме да направиме едно пријатно изненадување и на фановите и на посетителите на 3Д Киното во Битола, тоа  бешее еден натпревар за избор за најубаво возило во нашиот град. Се пријавија многу возила и секако, преку фејсбук, она возило кое има најмногу допаѓања  да биде избрано за наубаво. 20-те прворангирани се дел од изложбата, која што е поставена во фоајето пред премиерата, а пред влезот на Центарот за култура се шесте најубави возила кои беа дел од овој конкурс. Најдобрите добија и награди, кино влезници и други пријатни изненадувања, а ова е да докажиме дека се грижиме за нашата верна публика која ги следи светските премиери, рече Димитровски.

Инаку, изминатиот месец март е месец со најголем број посетители уште од самиот почеток на киното.

– Вкупно над 7000 посетители, тоа е енормна бројка на гледачи и доколку април со филмските хитови помине во рамките на очекувањата. На 1 мај ќе имаме над 20 000 гледачи што е огромна бројка за нашето кино, ако кажам дека изминатата 2016-та година ја завршивме со вкупно 36000 посетители, ќе останат уште 7 месеци до крајот на годината и бројни филмски хитови кои ќе бидат дел од нашето кино, истакна Димитровски.

 

СН Финансии
To Top