Од печат излезе книгата „Калеидоскоп“ на Весна Мундишевска-Велјановска - Шеталиште

Новости

Книга

Од печат излезе книгата „Калеидоскоп“ на Весна Мундишевска-Велјановска

Од печат излезе книгата „Калеидоскоп“ од писателката Весна Мундишевска-Велјановска, член на Друштвото на писателите на Македонија. Книгата е во издание на Битолскиот книжевен круг.

„Калеидоскоп“ е нејзина прва книга со критичко-есеистички текстови. Поделена на две целини, соодветно насловени „Согледби“ и „Вглед“, оваа книга се состои од есеи посветени на дела на современи македонски автори, но и на поетските збирки на самата авторка.

– Мундишевска-Велјановска прецизно и со особена аналитичка жар ги ситуира најпарадигматичните топоси на современата книжевност во центарот на својата критика и поетика, комплексните прашања за идентитетот, (не)вдоменоста, татковината, себеоткривањето, односите со Другиот, родот, полот, љубовта и јазикот. Таа не само што укажува на начините на кои делата на современите, за жал, неретко заборавени македонски автори можат да се читаат и анализираат и од формален, но и од тематски аспект, како припадници на современата светска книжевна сцена, туку и со оваа збирка критички осврти ги актуелизира нивните дела, истакнува Ива Димовска, рецензент на книгата.

Според Симона Петровска, исто така рецензент на книгата, „Калеидоскоп“ е пофалба на книжевниот потенцијал, но и храбар потег тоа да се извлече и поентира концизно, јасно и без двојбеност во промислувањата.

– Стилот на критичките огледи на авторката е несекојдневно разигран, но и интелектуално богат и проткаен со различни методолошко-критички постапки. Авторката од книжевните текстови извлекува безвременски моменти преку миговни слики. Анализирајќи ги книжевните дела, авторката постојано трага по нерастајнетите простори на книжевната, но и вонкнижевната ,дејност‘ на зборовите, помеѓу јазичната, но и метајазичната сфера – отаде јазикот, нагласува, рецензентот Петровска.

Весна Мундишевска-Велјановска е автор на десет книги поезија, а нејзини творби се преведени на повеќе странски јазици.

To Top