Новости

Книга

Промоција на книгите „Песната палимпсест“ од Веле Смилевски и „Устата на јавето“ од Раде Силјан во битолската библиотека

Утре со почеток во 12 часот во просториите на Нациналната установа Универзитетска библитотека „Св.Климент Охридски“ – Битола ќе се одржи промоција на книгите „Песната  палимпсест“ од авторот Веле Смилевски и „Устата на јавето“  од Раде Силјан.

Промотори на книгата се проф. д-р Даниела Андоновска – Трајковска, проф.д-р Златко Жоглев и проф.Милица Димитријовска  – Радевска.

На присутните гости ќе им се обрати в.д. директорката на НУУБ „Св.Климент Охридски“ – Битола  м-р Јелена Петровска.

Во издание на книгоиздателството „Матица македонска“ од Скопје излезе од печат поетската книга „Устата на јавето“ од современиот македонски писател Раде Силјан.

Во своето седумнаесетто поетско дело авторот застапува седумдесет песни, поделени во седум тематски циклуси, кои сочинуваат неразделна тематска целина.

Стиховите од новата книга на Раде Силјан отвораат голем број прашања за сѐ што ќе ни се насели во сонот, за сѐ што ќе ни го прекине здивот, со воздишка и многу тага, констатира Блаже Миневски во поговорот, под наслов „Во татковината на молкот, или како да се разбереш со животот“.

Книгата со наслов  „Песната палимпсест“, на поетот и литературен критичар Веле Смилевски,  во издание на „Дијалог“ од Скопје, во првиот том од избраните дела на Смилевски, на 750 страници се презентирани арс-поетичките коментари на авторот за поезијата создавана во изминатите 45 години.

Покрај воведната студија со наслов „Песната палимпсест“ и примерите од поетската трилогија „Час по поезија“ (2010), стихозбирката „Забранета книга“ (2011) и поемата „Век за самување“ (2012), објавен е и тематски избор од поезијата создавана до 2000 година, под заеднички наслов „Век за приказ“.

Во посебен оддел книгата „Песната палимпсест“ донесува студии, критики и есеи за поетското творештво на Веле Смилевски од Георги Старделов, Матеја Матевски, Влада Урошевиќ, Луан Старова, Сретен Перовиќ, Сава Хеџман, Ала Шешкен, Миодраг Друговац, Олга Панкина, Саша Хаџитанчиќ и Наташа Аврамовска. Објавени се и есеи за поезијата на Смилевски од претставници на неговата генерација: Данило Коцевски, Тодор Чаловски, Ефтим Клетников, Раде Силјан, Санде Стојчевски и Бранко Цветкоски.

Студирајте на БАС
To Top