Новости

Настани

Љубојна и Џамбо Агушев, контроверзниот Божо Вречо и Џипси Грув дел од Фестивалот на музика од светот во Битола

На 10 и 11 ноември во Битола ќе се одржи деветтото по ред издание на Фестивалот на музика од светот во Битола, кој е во организација на Центарот за култура во Битола, финансиран од Министерството за култура со поддршка од Општина Битола.

Организаторите за оваа година најавуваат интересна програма, која започнува на 10 ноември со целовечерен концерт на групата „Љубојна“ заедно со Џамбо Агушев, додека наредниот ден, на 11 ноември ќе настапи контроверзниот Божо Вречо, а веднаш после него бендот кој изведува автентична балканска ромска музика – Џипси Грув.

„Од формирањето на фестивалот па се до денес, овој фестивал преку успешна продукција и реализација се повеќе станува мета на најреномирани светски вокални интерпретатори, групи, како и стручни лица од светската музичка сцена. Во изминатите осум години на фестивалот учествуваа голем број на музички интерпретатори од Македонија, Балканот, но и од светски размери,“ рече в.д. директорот на Центар за култура, Зоран Димовски.

„Љубојна со сите свои музички атрибути со кои се нуди како музичка струја на Балканот и во светот, после концертите низ Азија и Балканот, после голем концерт во Белград, некако се враќа дома во Битола. Божо Вречо е еден од најинтересните и најпознатите изведувачи во доменот на севдахот во последно време. Тој се идентификува себеси како маж и жена и оваа двојност не само што се прикажува преку неговото битие, туку и преку неговото дело и самоизразување. „Џипси Грув“ е проект кој изобилува со енергичен настап во кој се вткаени многу музички стилови како реге, хип-хоп, рок итн. Нивните настапи се доста харизматични и енергични,“ рече селекторот на фестивалот и член на групата Љубојна, Оливер Јосифовски.

Битола и Македонија со оваа манифестација имаат уште еден значаен интернационален музички фестивал. Фестивал кој со својот концепт е репрезент на актуелностите во музиката од светот и случување кое токму поради звучните имиња се понагласено се наметнува како аниматор на вниманието на пошироката публика од регионот.

Студирајте на БАС
To Top