Новости

Настани

Битолската библиотека го одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

Јазикот е културно наследство во кое што се обединува духовната и материјалната култура на човештвото. Македонскиот јазик е најреферентното обележје на македонскиот народ. Да се занемари македонскиот јазик, значи да се занемари естетиката на македонската историја, меморија и современост.

Јазикот е неизбришлив дел од културната меморија на еден народ, независно од тоа дали тој е голем или мал. Од гледна точка на јазичните и естетските вредности, не постојат мали и големи јазици, мали и големи книжевности, мали и големи културни мемории! Таа поларизација се прави само од гледна точка на глобализирачките и империјалистичките интереси на моќните држави. Затоа секоја јазична и книжевна практика треба да се негува како привилегија на човечката цивилизација и како неотуѓиво право на народите во светот.

Колку и да е навидум мал македонскиот јазик, неговата улога во развојот на европската цивилизација е голема.

Оваа година Националната установа Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ – Битола во соработка со  ОУ „Даме Груев“ – Битола го одбележуваат Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

На 21 февруари 2018 година (среда), со почеток во 12 часот во просториите на библиотеката ќе започне активност со  прикажување на  документарниот  филм за Кирилицата и Словенската писменост во Македонија, ќе има кратко обраќање од страна на директорката на НУУБ „Св.Климент  Охридски“ – Битола м-р Јелена Петровска.

Свое излаѓање ќе има м-р Билјана Герас на тема „Мајчиниот јазик – наш идентитет и наша култура“.

Модератор на настанот е Божидар Николовски.

GOLD
GoldSlot
To Top