Новости

Настани

Со „Љубојна“ вечерва започнува Фестивалот на музика од светот – утре сараевската атракција Божо Вречо

Вечерва со концерт на „Љубојна“ со почеток во 20 часот во Центарот за култура започнува Фестивалот на музика од светот во Битола. За „Љубојна“, создавањето музика која ги поместува границите е начин на живот. Групата е една од најрепрезентативните и најистакнатите на Балканот, која на автентичен начин го пренесува пулсот на македонското музичко битие во отворен звук на светот. Нивните музички ерупции најчесто се опишуваат како постојано менлив спој од жестока енергија, моќниот звук на дувачката секција и традиционалните македонски теми.

-„Љубојна“ оваа година доаѓа на Фестивалот на музика од светот, носиме нова плоша, тоа  е нашиот прв винил којшто веќе го промовиравмеи се издаде во Хрватска. „Љубојна“ овој пат носи една убава и интимна атмосфера, со многу воздух и тишина во целата музика. Гости ни се Џамбо Агушев и со големо задоволство го најавувам Лука MCCL. Тоа е мое надополнување на сцената, и пејачко и рецитирачко. Специјален артист и многу креативен човек. Ви подготвуваме нешто многу специјално, вчера на пробата се создаде многу убава атмосфера, бевме сите затсанати во круг и верувам дека тоа вчера што го споделивме меѓу нашите срца, ќе ги опфатиме и вашите вечерва и ќе уживаме сите заедно со онаа нашминкана и размачкана, истовремено многу елегантна, многу бунтовна музика која секојпат ви ја носи „Љубојна“ на сцена, во себе крие многу рокенрол и фанк, рече на денешната прес-конференција Вера Милошевска, вокал на групата „Љубојна“.

Дел од Фестивалот на музика од светот утре ќе биде и Божо Вречо, кој е еден од најинтересните и најпознатите изведувачи во доменот на севдахот во последно време. Тој се идентификува себеси како маж и жена и оваа двојност не само што се прикажува преку неговото битие, туку и преку неговото дело и самоизразување.

Њујорк Тајмс вели дека ангелскиот глас на Вречо ја лечи душата и го отвара срцето, и тврди дека “Божо Вречо едноставно е синоним за слобода!”. Тој е исто така и автор на новите севдалинки и се смета за клучен дел од новата генерација на автори кои ја оживуваат традицијата на севдалинките, античката тажна музика на Босна и Херцеговина.

-Ова е прв пат да сум во Македонија, Битола е прекрасна. Успеав да прошетам малку по градот, секогаш се радувам кога доаѓам во вакви места кои ја имаат таа традиционална нота, која мене ми е блиска и за која јас се врзувам за мојата инспирација и музика. Овој пат, ова е увертира за мојот концерт во Скопје наредната година, така што се отвораат вратите кон овој дел. Она што е многу битно е што ќе ја претставам мојата работа од четирите албуми, од се по малку, а ќе биде концепирано како акапела концерт заедно со моите пријатели кои ќе бидат со мене на сцената, а кои се изворно оттука, рече Вречо.

Запрашан каков настап подготвува во Битола, со оглед на тоа дека е познат по облекувањето во машки и женски костими на самите настапи.

-Јас не би нарекол тоа костим. Тоа е многу посериозна приказна. Тоа е приказна за дуалност, за она што сме ние всушност. Тоа не е ни маскембал, не е ни костимизирање, не ни подвоеност. Јас мислам  дека сите ние сме и мажи и жени, и јас како единка сакам тоа да го пропагирам низ мојата уметност и мојот приватен живот, истакна тој.

Настапот на Божо Вречо е утре од 20 часот во Центарот за култура Битола, додека после него настапуваат балканската атракција „Џипси Грув“ во 21:30 часот.

To Top