Новости

Театар

Во петок премиера на „Клетници“ во прилепскиот театар

В петок на сцената на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе биде изведена преставата „Клетници“ според делото на Виктор Иго во режија на Мартин Кочовски, беше соопштено на денешната прес-конференција во театарот.

Според Кочовски, претставата е обемен проект што го опфаќа целиот ансамбл на прилепскиот театар и вклучени се 40 актери, а се работеше напорно три месеци. „Клетници“ е претстава за правдата и за човештвото.

– Најважните теми во животот се борбата за праведност, која е макотрпна и тешка, но и љубовта кон човештвото. Кога ова ќе се спои во една претстава станува многу комплицирано, а ретко кој се занимава со овие теми. Кога тоа ќе се спои со ансамблот на прилепскиот театар, се добива комплексно и безвременско уметничко дело, но и како историски настан. Темата се работи во вистинскиот момент, зашто сега живееме во време многу интересно и оптимистично. Споменувајќи ги претставите „Тапани во ноќта“, „Кавкаски круг со креда“, па сега и познатото и големо дело на Иго – „Клетници“, со ансамблот се обидуваме да ги промениме нештата во кои живееме, да испратиме сериозни пораки за суштинските вредности. Претставата трае три часа и мислам пак е малку да се кажат суштинските работи за смислата на животот – вели Кочовски.

За актерот Владимир Ѓорѓијоски соработката беше плодна и напорна, но со видливи ефекти.

– Горди сме што ја направивме претставата, зашто ова е многу „голем залак“ и за далеку поголеми ансамбли. На овие простори „Клетници“ прв пат се поставува. Единствено, ако така може да речам, „не претекна“ ансамблот „Берлине“ од Берлин што го основал Бертолд Брехт, кој го постави текстот „Клетници“ на сцената во почетокот на овој месец. Таму претставата трае шест часа. Тоа е за нас знак дека се носиме со европските театарски трендови – вели Ѓорѓијоски.

Според актерот Александар Степанулески прилепскиот ансамбл прави врвни претстави за домшната но и меѓународната сцена иако условите се повеќе од скромни.

– Се чини високиот уметнички израз е поголем кога условите се повеќе од скромни. Тука е талентот и задоволството да се биде дел уште еднаш од екипата на прилепскиот театар за поставување на сцената на врвни дела и уметнички изрази – вели Степанулески.

Автор на драмскиот текст на делото на Виктор Иго „Клетници“ е Горјан Милошевски, драматург е Владимир Ѓорѓијоски, костимите, сценографијата и дизајнот на светлото се на Јулијана Војкова Најман, а музиката на групата „Фолтин“.

Поради големиот интерес за претставата „Клетници“, ансамблот ќе има и предпремиера утревечер, на 28 декември. Ова е трета и последна премиера на прилепскиот театар.

 

GOLD
SN Finansii
To Top