Новости

Театар

Премиера на „Сон на летната ноќ“ во Битола – златна средина помеѓу македонскиот и американскиот менталитет

Интересна и темпераментна претстава, со 17 актери на сцена, претстава со непресушна фасцинантност. Вака битолските актери и режисерот Џон Блондел ја најавија денес на прес-конференција утрешната битолска  премиера на „Сон на летната ноќ“ од Шекспир.

 

Премиерата оваа претстава ја имаше на Охридско лето, а претходно имаше и затворена премиера во Битола.

„Премиерата се случи на 4 август во Охрид. Тоа беше неверојатно исксуство, бевме соочени со многу голема публика на отворено  и некако се измени контекстот, беше многу интересно затоа што имаше полна месечина. Оваа претстава ја пратат тие чудни датуми, еве на петок 13-ти ќе ја имаме нашата премиера. Што се однесува за соработката со Џон, таа е позната. Џон е човекот на кој што Народен театар Битола многу му должи и заради него сме биле на неколку фестивали кои го опфаќаат Шекспир, така што мислам дека ќе имаме и понатамошна соработка, тој е наш човек кој е доктор за Шекспир,“ изјави Лина Чоревска, уметнички директор на Народен театар Битола.

Во 1990 година Блондел за прв пат ја режирал оваа драма. Сега после три децении вели дека не му е можеби една од омилените, но постојано се навраќа на неа, црпејќи од нејзината непресушна фасцинантност. Според него тоа е најдобрата комедија на Шекспир, дива, разиграна, моќно раздвижена и комплетно исклучителна драма.

„Прекрасно што сум повторно в Битола и во битолскиот театар и сум благодарен на Иван и Лина што ме поканија да бидам повторно овде. Ретка прилика е за американски режисер да работи со ваква позната европска компанија и јас сум благодарен и сум свесен за големината на нашата соработка и сум благодарен што повторно ме канат да работам овде. Ова е трет Шекспир кој го работам со овој театар, првиот беше третиот дел на „Хенри Шести“, вториот „Антониј и Клеопатра“ и сега сум на „Сон на летната ноќ“,а вкупно петти пат како што работам на „Сон на летната ноќ“. Оваа пиеса кај мене буди една неисцрпна фасцинација. И отвора многу прашања на кои што не дава одговори, кои се однесуваат на љубовта, театарот, промената, на времето. Секој пат кога сме ја работеле сме наоѓале прашања кои точно се однесуваат на актерите со кои работиме. Мислам дека ова е прекрасна средба на пиесата и актерите,“ изјави Џон Блондел, режисер.

„Голема екипа, ме радува што претставата се игра на голема сцена. Има место за сите, дојдете утре и во понеделник на удобните столчиња на Народниот театар. Кога размислував утрово за претставата сфатив дека годинава одбележувам 14 години како сум во професионалниот театар, сум сработила десет Шекспири, а сите тие си го наоѓаат својот пат до публиката. Ова ќе биде уште една таква претстава,“ изјави Викторија Степановска Јанкуловска која ја игра Хермија во преставата.

„Бев многу возбудена кога се видов во претставата затоа што сметам дека „Сон на летната ноќ“ е една од највпечатливите текстови барем по она што јас го читам и чувствувам, еден од моите најомилени текстови на Шекспир. „Сонот на летната ноќ“ е една златна средина помеѓу нашиот македонски менталитет и она што Џон Блондел што го носи како американски менталитет и многу добар познавач на Шекспир,“ изјави Маја Андоновска Илијевски која ја игра улогата на Хелена.

На прес-конференцијата диркторот на Народниот театар Битола, Иван Јерчиќ запозна и со изминатите активности, како и идните планови. Вчера се вратија од Израел каде по третпат учествуваат на Интернационалниот фестивал во Акко каде гостуваа со претставата „Шекспир засекогаш“. Претходно гостуваа и на фестивал во Цетиње.

„Претставата „Сон на летната ноќ“ е претпоследниот проект кој е одобрен од Министерството за култура на РМ, до крајот на годината ќе имаме уште една премиера, „Коцкар“ на Достоевски во режија на Дејан Пројковски. Во поглед на нашите планови, на 14 ноември славиме роденден на театарот, сега сме во подготовки на прослава од неколку дена. Во рамките на таа прослава после премиерата од понеделник ќе започнеме со работа на новата претстава која што ќе ја направиме со наши сопствени средства, се работи за „Крвави свадби“ на Лорка во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, со екипа од битолскиот народен театар. Проект кој не  е одобрен од министерството и кој ќе го направиме со сопствени средства и се надеваме дека ќе го вметнеме во програмата за прославата за годишнината, оваа година славиме 73 години,“ изјави Иван Јерчиќ, директор на Народен театар Битола.

Karmen
To Top