Новости

Театар

Репертоар на битолскиот народен театар за месец март

Во Народниот театар во Битола на 5 и на 6 март ќе биде прикажана претставата „Метаморфози“, чиј автор и режисер е гостинката од Бугарија Лилија Абаџиева, а на 7 и на 20 март на репертоарот е „Грета од Фауст“, во режија на Димче Николовски.

На 8 и на 14 март ќе се игра претставата „Без паника“, на 9 и на 10 март претставата „Дон Жуан“, додека, пак, на 12 и на 13 март ќе биде одиграна претставата „Бар ремарк“, поставка на рускиот режисер Александар Баргман, работена според делото „Тројцата воени другари“ од Ерих Марија Ремарк.

За 15, 16 и 17 март се предвидени три репризи „Коцкар“ по текст на Достоевски, во режија на Дејан Пројковски, која наиде на огромен интерес кај публиката. На 19 март публиката ќе може да ја проследи претставата „Трагичната љубов на една луда девојка“ по текст на Јукио Мишима, во режија на Благој Мицевски, на 22 и на 23 март е претставата „Доктор Фауст“, додека, пак, на 24 и на 28 март ќе биде прикажана претставата „Кокошка“ од авторот Николај Кољада, во режија на актерот познат по своите стендап-комедии, Маријан Ѓоргиевски.

На 21 март претставата „Пијани“, работена по текст на Иван Вирипаев, а во режија на Марјан Ѓорѓиевски, ќе биде одиграна и пред публиката во Кичево.

На репертоарот на Народниот театар во Битола на 26 и на 27 март е претставата „Смислата на животот“ од Идо Нетанјаху во режија на Благој Мицевски, а на 29 и 30 март претставата „Кралски игри“ по текст на Григориј Горин, во режија на Љупчо Ѓорѓиевски.

GOLD
To Top