Новости

Останати

Кугларите од Битола го победија гигантот „Макпетрол“

Кугларскиот клуб „Хераклеа“ од Битола денес во кугланата во спортската сала „Младост“ – Битола приреди вистинско изненадување и успеа да го совлада елитниот кугларски клуб „Макпетрол“ убедливо со високи 6:2 и разлика во чуњеви од 63 во своја полза, добивајќи го противничкиот клуб и на сетови со 14:10.

Впрочем, да се кугла против Макпетрол не е воопшто лесно со оглед на квалитетот на нивните играчи и нивниот професионален однос кон секој натпревар. Се работи за најбогатиот клуб во историјата на македонското куглање, клуб кој ги собира најквалитетните куглари од сите екипи, кои се добро платени и кои имаат меѓународни амбиции борејќи се за престижните европски титули. Клубот ги поседува скоро сите репрезентативци во сениорска конкуренција и веќе 15 години последователно е непобедлив, а шампионската титула ја освојува секоја година деценија и пол наназад.

Така беше и оваа сабота, екипата допатува во Битола во полн состав (беа присутни повеќе од 12 куглари) со најдобрите нивни играчи, целејќи на полн плен т.е. 2 поени и убедлива победа.
Но спортот не би бил интересен ако натпреварите се добиваат по звучноста на имињата во составите.

Противникот влезе релаксирано со нивниот најдобар поединец битолчанецот Александар Соколовски, репрезентативец во сениорска категорија на Македонија, кој излезе од к.к. Пеистер, но веќе деценија кугла за македонскиот шампион. Соколовски е врвен играч, еден од ТОП 50 во Европа, вистински професионалец кој требаше да го донесе нивниот сигурен поен, а Дане Јакимовски (куглар со снажен удар) да ја зголеми предноста и да стартуваат со 2:0 што би значело и еден пријатен тек за гостите.

Ние влеговме во овој натпревар исклучиво да се надигруваме и да пробаме да парираме со надеж за евентуална победа која би била тесна на крајот знаејќи дека во нашите редови го немавме Пеце Димовски, нашиот убедливо најдобар куглар кој е оправдано отсутен и не може да ги игра сите натпревари.

Михајловски на позиција број 1 изигра добар прв сет (133), но брилијантниот Соколовски со свои 155 поажа дека нема милост кон својот матичен клуб. Но веќе во вториот сет, работите се сменаа во вториот дел, кога Михајловски брилинатно започна да чисти и со скоро неверојатни 68 (влез во 8 постава) не само што ја врати разликата над Соколовски туку со квалитетна игра покажа дека Соколовски ќе треба да се препоти за евентуалниот поен. Третиот сет беше во полза на Соколовски, а во четвртиот сет Михајловски го издржа притисокот и ја зачува предноста и со +4 успеа да го добие поенот 2:2 во сетови, со што беше и најдобар на мечот со 524 соборени дрва.

Поповски пак имаше полесна задача, куглаше против Јакимовски кој не успеа баш најдобро да се снајде на битолската куглана и изваде скромни 474. Капитенот Поповски тоа итоа како го искористи трупаше значителна разлика од + 37 дрва, и убедливо со 3:1 го скрши отпорот. После првиот блок јасно беше дека Макпетрол со 0:2 и со -41 дрво, ќе мора да игра без грешка за посакуваната победа, а ветерот во грб од предноста итоа како беше корисна за нашите двајца куглари во вториот блок Колев и Ристевски.

Колев е една битолска легенда кој требаше лесно да го совлада Беличански, а Ристевски требаше да неутрализира репрезентативенот Трпчевски.

И двата наши играчи заводеа со 2:0 што донесе дилириум во публиката, а Макпетрол беше скоро нокаутиран. Четвртиот сет Колев водеше со +10 до пред чистењето и требаше само рутински да го донесе натпреварот до крај, но очајно исчисти (26, без влез во 4 постава), противникот зеде крила од таа негова игра и буквално со последната кугла успеа за влакно да го добие. Ристевски покажа карактер и ја оствари можеби пресудната победа за овој меч, го совлада репрезентативецот Трпковски со 3:1.

Со предност од 3:1 и +50 дрва во третиот блок требаше само да се зачува оваа предност или евентуално да се земе уште еден поен за наша победа. Притисикот кај Макпетрол беше очигледен, и како што вообичаено бива, веќе нивните дланки не беа мирни и се вовлекуваа во нови грешки знаејќи дека немаат простор за грешка.

Таму нашиот Андоновски (државен јуниорски првак за 2016) изигра брилијантно и со 520 го уништи противникот. Неговото зголемување на разликата само стави точка на овој денешен спортски подвиг на нашиот колектив. Спировски изигра во рамки на очекуваното но не дозволи репрезентативецот Николовски да ја стопи стекнатата разлика.

Сумирано, во секој сегмент бевме подобри од Макпетрол, тактички добро и избалансирано поставени, изигравме квалитетен натпревар со екипен резултат од одлични 3028 што е навистина цифра за битолската куглана и што е најбитно бевме убедливи во меѓусебните дуели недозволувајќи афторитетот да биде пречка во надигрувањето, туку таа фаворитска улога на гостите ја искористивме за дополнителен мотив и концентрација, надмудрување и покажување на кугларската техника.

Останува старата болка, кугланата во Битола. Таа е стара (1981) и не ги задоволува стандардите на Светската кугларска федерација и веќе од 2019 година КФМ нема да ја дозволува за одигрување на првенствени натпревари. Ако не се превземат итни мерки и инсталирање на потребната подлога и автоматика, се заканува згласнување на овој спорт кој има богата традиција во конзулскиот град.

kkheraklea.blogspot.mk

Evrotip
Евротип
To Top