Новости

Ракомет

Јовиќ: Ова е шанса младите да покажат што знаат

Ракометарите на Металург в недела го почнуваат вториот дел од сезоната. Во Скопје, гостува Војводина во меч од регионалната СЕХА лига

Со подмладен состав Металург ќе се обиде да оствари победа во дуелот против српската екипа.

„Неделниот натпревар би го окарактеризирал како дерби од долниот дел на табелата во СЕХА-лигата. По подолга играчка пауза, нѐ чека исклучително тежок натпревар. Екипата на Војводина сега има нов тренер во Касим Каменица, кој добро ја познава нашата екипа. Мислам дека добро ќе се подготват и дека ќе сакаат да ги освојат бодовите во Скопје. Меѓутоа, и ние добро трениравме во изминатиот период и убеден сум дека момците ќе дадат максимум од себе на овој натпревар. Во составот имаме 11 младински репрезентативци и редно е тие да си ја добијат својата шанса и да покажат што знаат. Сега имаме убедливо најмлада екипа во СЕХА-лигата, но јас сум убеден дека и оваа екипа има квалитет и дека младиве играчи имаат потенцијал. Исто така верувам и дека нашиот спонзор Минчо Јорданов ќе најде решение и дека Металург конечно ќе излезе од оваа криза што трае веќе некое време“, изјави тренерот на Металург, Александар Јовиќ, на денешната прес-конференција.

Дуелот меѓу Металург и Војводина в недела ќе се игра во СЦ Борис Трајковски со почеток од 15 часот, додека ракометарите на Вардар кои вчера на гостувањето во Белорусија кај Машков Брест одиграа без победник (25-25), веќе утре гостуваат во Словачка кај тимот на Татран Прешов.

GOLD
To Top