Новости

Ракомет

Македонија ќе го организира СП за кадети во 2019 година

Високи претставници на ИХФ во минатите два дена беа во Скопје каде по извршената инспекција ги потврдија двете најголеми арени во Скопје како домаќини на натпреварите на Светското кадетско првенство во ракомет 2019 година.

„Данецот Пер Бертелсен во својство на Претседател на Комисијата на ИХФ за организација на настани и натпреварувања, заедно со Полјакот Марек Горалчук кој е член на Комисијата, во изминатите два дена ги разгледуваа условите во спортските сали и сместувачките капацитети во нашиот главен град, по што беше утврдено дека кадетското Светско првенство ќе се игра во двете најголеми сали во Скопје – СЦ „Борис Трајковски“ и СЦ „Јане Сандански“. Дополнително, за тренинзи на репрезентациите во текот на Првенството ќе бидат искористени уште шест спортски сали“, информираа од Ракометна федерација на Македонија.

По успешно минатата инспекција на нашата земја како организатор на големото натпреварување, во наредниот период ќе следува дефинирање на точните датуми за одржување на првенството, за кое засега е познато дека ќе се игра во текот на летните месеци во 2019 година.

На Светското првенство за кадети (до 19 години) ќе учествуваат вкупно 24 репрезентации, што ќе бидат поделени во 4 групи од по 6 репрезентации.

GOLD
SN Finansii
To Top