Новости

Ракомет

Мукаетов: Суетите да се остават на страна, целосно фокусирање на натпреварите

Вчера се одржа редовното годишно собрание на Ракометната федерација на Македонија. Посебен акцент на денешната седница беше извештајот за работата на Федерацијата во изминативе 12 месеци.

Првиот човек на македонскиот ракомет, Живко Мукаетов го пофали настапот на националниот тим на Европското првенство во Хрватска, но и упати критика за играта и пристапот на одделни натпревари.

„Настапот во првата фаза од овој европски шампионат беше максимално успешен, но за жал не продолживме во ист стил и во втората рунда. Игравме против селекцијата на Шпанија, која стана европски првак, потоа и против Данска, која го заврши првенството на четвртото место. Што се однесува до дуелот со Чешка, тоа беше натпревар на кој можевме и моравме повеќе, да стигнеме до победата до која бевме толку блиску. За поединци во иднина би порачал како вистински професионалци личните проблеми и суети да ги оставаат во Скопје и да се посветат на играта, да бидат максимално сконцентрирани на сите натпревари бидејќи јунаците на мака се познаваат. Турнирот се игра до крај како и натпреварите кои ги играат”, истакна првиот човек на Ракометната федерација, Живко Мукаетов.

Претседателот на федерацијата се осврна и на работата на стручниот штаб во националниот тим.

„Во оваа прилика на мој осврт на првенството, сакам да упатам комплименти до стручниот штаб и извонредното водство на стратегот Раул Гонзалес, кој се надевам дека и понатаму ќе остане на нашата клупа. Да се претставуваат боите на оваа наша мала држава рамо до рамо со најдобрите во Европа и во светот, додека истовремено во составот се промовираат четворица млади играчи, стои како потврда за проактивното делување на оваа наша проблематика. Треба да останеме фокусирани на следниот голем проект, а тоа е пласман на следното Светско првенство во 2019 година”, потенцираше Мукаетов.

Посебно се истакнати резултатите на младата репрезентација на Светското првенство во Алжир и освоеното шесто место како и постепената смена на генерации во националниот тим.

Студирајте на БАС
To Top