Новости

Балкан

Бугарија од денеска за прв пат ќе претседава со ЕУ

Од денеска па се до 30 јуни 2018 година, Бугарија ќе претседава со Европската Унија, за првпат откако стана дел од европското семејство. Бугарија и Романија станаа членки на Европската Унија во 2007 година.

Бугарија  ќе биде домаќин на 300 состаноци, од кои на 30 ќе присуствуваат шефови на држави и влади на земјите на ЕУ. Една од најзначајните средби ќе биде ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи во мај.

„Земјата ќе бара баланс помеѓу специфичните приоритети на земјите – членки и стратешките приоритети на ЕУ за постигнување на реални, видливи резултати во активен дијалог со граѓаните за европските прашања и одговори на нивните очекувања за поголема безбедност, вработување, одржлив раст и посилно присуство на ЕУ на светската сцена. Кога зборуваме за обединета Европа, не треба да заборавиме дека Западниот Балкан има потреба од јасна европска перспектива и поврзаност меѓу нив и со земјите-членки“, се наведува на официјалниот сајт за бугарското претседавање со ЕУ.

Бугарија со Унијата ќе претседава до 30 јуни, кога ќе ја предаде палката на Австрија. Бугарија се соочи со критики од ЕУ, при што блокот упатува на нерамнотежи во економските и социјалните прашања и она што го гледа како високо ниво на корупција.

Програмата на претседателството oпфаќа околу 1500 состаноци и состаноци на највисоко ниво во Брисел и Стразбур. Официјалното бугарско претседателство ќе биде отворено на 11 јануари во Националниот театар “Иван Вазов”, а потоа ќе се одржи првиот голем самит.

За периодот од 1 јануари до 1 јули Бугарија се очекува да ја посетат  25 000 гости.

Податоците на Галуп интернешнал, покажуваат дека 62% од Бугарите веруваат во ЕУ, што е пораст од 12% во однос на декември 2016 година. 55% од жителите се со став дека Софија успешно ќе претседава со ЕУ, што би требало да им донесе дополнителен бонус за пристап до еврозната и Шенген.

To Top