Новости

Балкан

Во Измир веќе 70 години се негува македонскиот јазик и македонските обичаи

Со повлекување на Турците од Македонија во времето на Југославија после 1940-тите години, голем број од нив се населиле во турските градови Измир, Ајдин, Маниса и Истанбул.

Иако поминале повеќе од 70 години, сепак тие својата култура и традиција сеуште ја задржале. Многумина во градовите каде што се доселиле сеуште го говорат македонскиот јазик, кој што како аманет и спомен од татковината постарите генерации им го пренесуваат на младите. Но не само македонскиот јазик, туку и македонската музика и македонските народни обичаи. Карактеристично за овој дел од Егејот на Турција е тоа што во говорењето на турскиот јазик се употребуваат и македонизми (зборови кои што не можат да ги разберат анадолиските Турци).

Во заедниците каде што живеат иселениците од Македонија, имаат основано голем број здруженија на граѓани преку кои што организираат различни настани и активности, екскурзии и иселенички средби. Викендов во туристичкото место „Кушадаси” во близина на градот Измир, по 13. пат во организација на Здружението на иселениците од Македонија „Ѓултепе”, се одржа иселеничка средба на која што присуствуваа повеќе од 400 гости.

На средбата се пееја македонски песни и се играа македонски ора, кои што и до ден денес не ги заборавиле. 

“Целта на ваквите средби е да не се заборави македонската култура, да се соберат сите генерации на едно место и да не заборавиме кои сме и што сме” – вели Бирол Озкардешлер, претседател на здружението Ѓултепе-Македонија. Од здружението додаваат дека и во идниот период ќе бидат организирани вакви слични настани и активности, а исто така нагласија дека веќе започнаа со организација за туристичка посета на Македонија наредната година.

Од Измир: Мартин Николовски

 

GOLD
SN Finansii
To Top