Врховниот суд во Атина денеска треба да ја разгледува жалбата на одлуката за екстрадиција на Судот во Солун за поранешниот началник во УБК Горан Грујевски и неговиот колега Никола Бошковски. Двајцата денеска беа донесени од атинскиот затвор „Коридалос“ пред судот, но кога ќе заврши рочиштето зависи  со какво темпо ќе се одвиваат и другите 18 рочишта закажани за денеска во судот, јави дописникот на МИА од Атина.

Претходното рочиште се одржа на 16 февруари, но расправата беше одложена бидејќи адвокатите немале време да го разгледаат предметот и затоа што не бил обезбеден преведувач на македонски јазик. Одбраната инсистирала да има македонски превод, иако судот обезбедил преведувач на бугарски јазик.

Грујевски и Бошковски барање за добивање политички азил во Грција доставија на 29-ти ноември минатата година. Овој потег, како што јави дописникот на МИА од Атина, беше очекуван, со оглед на тоа дека во вакви случаи, за да се пролонгира екстрадицијата следниот чекор е барање азил.

Со поднесеното барање за политички азил, пак, се отвори нов паралелен и дополнителен процес. Грујевски и Бошковски, во Грција, веќе имаат три различни и меѓусебно неповрзани процеси, едниот за екстрадицијата по издадената меѓународна потерница од македонска страна, другиот за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром и третиот по барањето за азил.