Новости

Балкан

Турските власти забранија новогодишна прослава на плоштадот Таксим во Истанбул

Getty

Турските власти нема да дозволат новогодишна прослава на истанбулскиот плоштад Таксим од безбедносни причини.

Полицискиот началник на истанбулската општина Бејоглу, Исмаил Килиќ изјави дека безбедносните мерки се зајакнати годинава по низата напади во Турција во изминативе две години.

Турција се соочи со серија терористички напади, што им се припишуваа на курдските милитанти и на групата Исламска држава, вклучувајќи го и инцидентот во популарниот ноќен клуб Реина во Истанбул за време на ланската новогодишна прослава, при што загинаа 39 лица.

Напаѓачот од Реина, Абдулгазир Машарипов, по апсењето признал дека требало да изврши напад на Таксим, но од лидерите на Исламската држава му било наредено да пронајде нова цел, бидејќи на плоштадот немало услови за акција. Осомничениот потоа тргнал со такси долж брегот на Босфор и го забележал ноќниот клуб на Реина.

Одговорност за нападот презеде ИД, при што првпат отворено повика на извршување „голем напад“ во Турција.

Од 39-мината загинати во нападот на Реина, што се случи само 75 минути по дочекот на 2017 година, 27 беа странци, вклучително и граѓани од Либан, Саудиска Арабија, Израел, Ирак и Мароко./МИА

To Top