Новости

Битола инфо

Битола го одбележа Светскиот ден за борба против дијабетес

Во Македонија околу 190.000 луѓе имаат дијабетес од кои 40.000 се на инсулинска терапија, а останатите 150.000 се на таблетарна терапија. Бројот на пациенти е во постојан подем.

Во светот има околу 400 милиони лица заболени со дијабетес, а според одредени проценки за жал се очекува до 2030 година бројот на заболени лица да достигне 600 милиони.

– Жално е што се повеќе се зголемува бројот на граѓани со дијабет, а општеството помалку води грижа за обезбедување на инсулинска терапија. Нашето здружение често опоменува за водење на грижа кон заболените лица, бидејќи само во Битола има над 6.200 лица, што се со инсулинска терапија, истакна Борис Мијалчев, претседател на Здружението на граѓани со дијабет-Битола на одбележувањето на Светскиот ден на дијабетесот.

Денеска на плоштадот Магнолија во организација на Здружението на граѓани со дијабет и Лајонс клубовите од Битола со бесплатно мерење на шеќерот во крвта од страна на лекари од битолската болница беше одбележан Светскиот ден на дијабетесот во Битола.

– За жал од дијабет често страдаат и бремените жени и затоа годинава ние лајонсите се фокусиравме на ваква акција, која една деценија ја организираме во нашиот град, изјави Кристијан Велјанов, претседател на Лајонс клубот „Битола“.

Мерење шеќер во крвта и притисок по повод денешниот ден имаа и од ОО Црвен крст Битола кои беа лоцирани кај „Борово“. Нивната акција беше заедничка со лекарите од Центарот за јавно здравје Битола, кои потенцираа дека предавања за дијебетесот имаат низ сите училишта.

Денеска пак на одбележувањето на денот за борба против дијабетес заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски рече дека ќе се заложи да се надминат сите дилеми кои во изминатиот период преовладуваа во јавноста дека дијабетичарите користат неквалитетен инсулин.

– Ќе се погрижиме во иднина да добиваат редовно инсулин и квалитетен инсулин. Не дека немало проблем, дека не се протнувале и неквалитетни инсулини, меѓутоа во иднина се надевам дека тоа нема повеќе да се случува, додаде Чакаровски.

 

 

 

Karmen
To Top