Новости

Битола инфо

Во Битола промовирано списанието „Современи дијалози“ на Македонското научно друштво Битола

Македонско научно друштво – Битола го претстави новиот број на списанието „Современи дијалози“ чие издавање го финансира Министерството за култура.

Во списанието „Современи дијалози“ застапени се истакнати автори членови на МНД-Битола, Друштвото на посателите на Македонија, а во последните две години и реномирани писатели од Европа и светот, посочи Весна Мундишевска Велјановска, главен и одговорен уредник на списанието.

-Целта на списанието е да остави печат, а не беззначајни траги во блед отпечаток. Новиот број, финансиран од Министерството за култура, содржи 172 страници на кои се распространети творби и осврти за дела на 30 реномирани писатели од Македонија и 24 од странство кои пишуваат поезија, проза, драма, книжевни критики, осврти, преводи, препеви…Со списанието „Современи дијалози“ воспоставивме мостови со списанијата „Ријеч“ од БиХ, „Браничево“ од Србија, „Тракиска лира“, „Жажда“ и „Литературен свет“  од Бугарија, „Хелис“ и „Детектив културал“од Романија, „Књижевно перо“ од Хрватска и многу други, истакна Мундишевска Велјановска, додека пак според писателот Петре Димовски, списанието „Современи дијалози“ со својот дизајн и со содржинската застапеност се наметнува како едно од водечките списанија во државата што побудува изразит интерес и кај писателите и кај читателите.

Издавачката дејност на Македонско научно друштво-Битола е богата и со традиција, а само во последната година евидентирани се повеќе научно-стручни, поетски и други книги со печат на МНД-Битола.

-Работиме според нов правилник за издавачка дејност базиран на високи стандарди и согласно актуелниот Закон за издавачка дејност на Република Македонија. Освен авторски книги, МНД-Битола го издава своето научно списание „Прилози“, а наскоро од печат ќе излезат 3 книги, Зборник на трудови од Меѓународната научна конференција „Образованието на крстопат“ и други публикации. Но, МНД-Битола освен сопствената издавачка дејност, ја негува и соработка МАНУ, САНУ и АНУБиХ, со кои врши размена на книги и стручни списанија, посочи проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска, претседател на Уредувачкиот Совет во МНД-Битола.

Македонско научно друштво-Битола во соработка со НУ Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“-Битола од неодамна врши електронска промоција на свои изданија, беше соопштено на денешниот промотивен настан во Друштвото.

GOLD
SN Finansii
To Top