Новости

Битола инфо

Завршната сметка на Општина Битола за 2017 година во битолскиот Совет

Денеска на дневен ред во Советот на Општина Битола беше и Завршната сметка на Општина Битола за изминатата 2017 година. Според ВМРО ДПМНЕ, завршната сметка била помала за 10 милиони евра. Од советничката група Поинаку пак не присуствуваа на дискусијата за завршната сметка. Од владејачкото мнозинство велат дека ВМРО ДПМНЕ, со весела математика ги измешало бројките. Откако опозицијата побара градоначалничката да присуствува на седницата, претседателот на Совет кажа дека не може да присуствува бидејќи е на состанок на Советот на ЗЕЛС во Скопје.

-Градоначалничката на прес конференцијата на 10 ноември минатата година кажа дека долгот на општината е во висина од 13,5 милиони евра. Сега истата таа градоначалничка достави завршна сметка потпишана лично од неа според која побарувањата на Општина Битола изнесуваат 5,5 милиони евра, а обврските, односно долговите изнесуваат 3,5 милиони евра. За да биде подрастична невистинитоста на искажаните податоци на таа прес конференција, како долгови односно обврски се вкалкулирани и над 1 милион евра обврски кои наводно произлегуваат од судски постапки кои се во тек, а не се завршени со правосилна судска одлука што отвора дополнителни прашања околу веродостојноста и вистинитоста на овој податок кој е дел од завршната сметка. Нема како да се објасни толкава разлика во состојбите која помпезно беше најавувана. Се покажа помалку од 10 милиони, но ако ги вкалкулираме побарувањата кои што се 5,5 милиони доколку би се наплатиле, тогаш ќе испадне и позитива, изјави денеска координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ во Советот на Општина Битола, Борче Димитровски.

Од советничката група „Поинаку“ пак, не присуствваа на дискусијата за завршната сметка заради неколку причини.

-Една и прва од тие причини е неприсуството на градоначалничката на една ваква важна седница за општината. Втора причина поради која нема да присуствуваме на разгледувањето на оваа точка е тоа што во салата претхдно од претседателот на совет добивме ветување дека седниците ќе бидат јавни и целосно пренесувани, на локалните медиуми, а во салата на советот нема камера која ќе го пренесе она што се случува. Главна причина заради која оваа завршна сметка не е како што треба и не смееме да учествуваме на нејзино разгледување е тоа што од наша страна беше предложено да се формира ревизија на работењето на Општина Битола, во изминатите 12 години. Истата беше одбиена и не можеме да поддржиме криминали за кои кажувавме дека ги има претходно во работата на Владимир Талески, рече Габриела Илиевска од советничката група „Поинаку“.

Координаторот на советничката група на СДСМ, Методија Илиевски истакна дека со весела математика, ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно ги има измешано бројките. Претседателот на Советот, Валентин Груевски рече дека финансиската состојба на Општина Битола е очајна.

-Зборувате за криминалци, манипуланти, доспеани долгови, на крајот ви излезе дека Опптина Битола ја завршува 2017 година со 2 милиони евра добивка според вас и дека Општина Битола се наоѓа во одлична финансиска кондиција. Во она што го кажувате од 3,5 милиони евра – не го внесувате кредитот од 1,8 милиони евра кој во втората половина на 2018 година ќе треба да се плаќа, за вас тоа не претставува проект, туку измислена приказна од делот на Снежана и седумте џуџиња. Тоа што училиштата ви должат 4,5 милиони евра за вас не претставува долг, зашто тоа биле институции надвор од процесот на Општина Битола, тие не влегуваа во завршна сметка. Во која завршна сметка ќе влезат? Во завршната сметка на Општина Прилеп или на Драчево? Не, тие ќе влезат тука. Прашајте ги вашите директори колку време не платиле струја. На Економско училиште  не му фактурирале струја седум години. Ви кажаа дека сега оддеднаш им доаѓа сметка за струја за претходните седум години. Некој треба да ја плати. Заборавате и кажувате како била добра завршната сметка, не е така. Зборувате за судски решенија. Општина Битола има моментално судски процес во кој од неа се побаруваат 2 милиони евра за инфраструктура за неизградена инфраструктура во касарната. Кој не ја изгради касарната? Кој ги собра комуналите и кој ги потроши парите? Ние ќе ја градиме, но судскиот процес е 2 милиони евра, истакна на говорница претседателот на Советот на Општина Битола, Валентин Груевски.

Завршната сметка беше изгласана со гласовите на владејачкото мнозинство, опозицијата гласаше против, а „Поинаку“ не присуствуваа.

GOLD
To Top