Новости

Битола инфо

Започна 38. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

38. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ вечерва започна со, веќе традиционалното доаѓање на домашните и странски гости на црвениот килим пред Центарот за култура во Битола, на кој продефилираа светски кинематографери, како и претставници од домашната филмска сцена и видни битолчани во вечерни тоалети.

Свеченоста на отворањето на фестивалот беше во знакот и во чест на доделувањето на лауреатите на двете награди за животно дело „Златна камера 300“, на великаните на светската кинематографија, Пјер Лом и Џузепе Ротуно, а заврши со проекциите на филмовите „Крајот на времето“ на режисерот Милчо Манчевски и „Насоки“ во режија на Стефан Комадарев и кинематограферот Веселин Христов, прв од главната селекција.

Актерот Сашко Коцев, во улога на водител на свеченоста, најпрвин го повика директорот на фестивалот Благоја Куновски – Доре да се обрати пред публиката.

Куновски ги поздрави присутните, им се заблагодари на сите чинители кои го овозможуваат одржувањето на „Браќа Манаки“ и го потенцираше огромниот труд кој тимот редовно го вложува за реализација на фестивалот.

-Фестивалот е резултат на трудот на нашиот тим, кој со здружени сили, многу верба, ентузијазам, издржливост и голема одговорност го овозможува одржувањето на овој фестивал. Пред последниве две години од позиција на директор на фестивалот, долги години работев и како уметнички директор, а мојата генерациска привилегија беше да бидам сведок и на основањето на фестивалот и еве сега сме на дофат на четиридеценискиот јубилеј – рече Куновски.

Тој исто така истакна дека било кој филмски фестивал и во најмалата држава, а не само фестивалите во Кан или Венеција, е голем настан и доживување на секоја земја која е домаќин.

-Ние сме горди што нашиот фестивал Браќа Манаки е дел од стоте филмски фестивали коишто ја слават вистинската филмска уметност, рече Куновски.

Публиката во полната сала на Центарот за култура со громогласен аплауз реагираше на емотивниот говор на благодарност од првиот годинашен лауреат на Златна Камера 300 за животно дело,  славниот италијански кинематографер Џузепе Ротуно, кој не беше во можност да дојде во Битола, но преку видео порака и’ се обрати на публиката во Македонија и рече: Ви благодарам многу за оваа награда, му благодарам на фестивалот Манаки, за вашата волја да ми ја дадете наградата и тоа ми е големо задоволство“.

Во име на Ротуно, заслужен за над 80 филмови кои ја дефинираа европската кинематографија, наградата ја прими неговиот некогашен студент, а сега и самиот кинематографер – Лука Коасин. Тој беше почестен од оваа можност и задоволен што фестивалот „Браќа Манаки“  го одликува делото на овој значаен кинематографер.

Коасин ја замоли публиката во салата да аплаудира за да ја сними и таа снимка да му ја покаже на Ротуно.

 

Втората награда за животно дело „Златна камера 300“ му припадна на францускиот и светски кинематографер Пјер Лом, а му беше врачена од страна на претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.

Пјер Лом рече дека е многу задоволен што една од наградите му припадна токму на великанот Џузепе Ротуно, кој според него покажал што се може да направи кинематографијата. Тој исто така истакна и дека кинематограферите се луѓето кои ја овозможуваат филмската уметност и затоа е среќен што фестивалот „Браќа Манаки“ ја слави токму кинематографијата.

-Во оваа пригода би сакал да им се заблагодарам на сите мои колеги филмаџии,а посебно кинематографери, бидејќи тие се оној „прв човек зад камерата“ што ни покажува од каде почнал филмот, токму оние што биле зад камерата и ги снимале подвижните слики се првите филмаџии.  Што се однесува на мене, сметам дека имав многу среќа во животот затоа што работев со луѓе на кои што филмот им беше најважната работа во животот и се надевам дека овој фестивал ќе успее на вам да ви ја долови таа страст – рече Пјер Лом.

Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ пак, која ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија, оваа година за прв пат и’ припадна на институција, а не на личност. Претседателот на ДФРМ, Роберт Насков и’ ја посвети наградата на најстарата продуцентска куќа во Македонија, Вардар Филм, која оваа година одбележува 70 години од формирањето.

-За жал Вардар филм веќе не постои, па затоа нема кој да ја прими наградава. Ова е на некој начин постхумно доделување на наградата и тоа ја покажува нашата негрижа за културата и традицијата. Со оваа награда ДПФМ сака да им оддаде почит на сите кои биле вработени во Вардар филм и на тој начин придонеле за развојот на македонската кинематографија – рече Насков.

Пред почетокот на проекциите на краткометражниот филм „Крајот на времето“ на Милчо Манчевски и „Насоки“, филмот во македонско-бугарско-германска копродукција, свое обраќање имаше претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.

Иванов говореше за контрастот на темнината и светлината, и интересот на браќата Милтон и Јанаки Манаки кои ја купиле првата камера на Балканот за светлината ставена во уметнички контекст.

– До денес, многу кинематографери од Македонија, Европа и од светот ги споделија со нас своите врвни уметнички остварувања на нашиот меѓународен фестивал на филмската камера. Наспроти разликите, сите филмови имаат едно нешто заедничко, а тоа е контрастот меѓу темнината и светлината и физичката, но и етичката. Затоа, кога ни се чини дека темнината натежнува и ситуацијата изгледа безнадежна, треба да се сетиме на зборовите на еден наш поет, дека ноќта е најтемна пред разденување. Светлината најјасно свети во најмрачните моменти – рече претседателот Иванов и го прогласи фестивалот за отворен.

Свеченоста на отворањето ја збогати и пероформансот во режија на Нела Витошевиќ, на кој актерите и младите танчери од ФМУ прикажаа енергичен колаж од познати филмски сцени од опусот на лауреатите на наградата за животно дело.

Новиот краток филм на Манчевски „Крајот на времето“, во Битола ја имаше својата македонска премиера, а по проекцијата на „Насоки“, пред публиката се поклони дел од филмската екипа, предводена од продуцентите Владимир Анастасов и Ангелина Несторовска од „Сектор филм“, како и актерите и кинематограферот Христов.

 

Студирајте на БАС
To Top