Новости

Битола инфо

Македонски и израелски ИТ експерти со информатички алатки ќе ја оживеат приказната за битолските Евреи

Денес и утре во Центарот за култура во Битола се одржува Биталон, првиот Хакатон во Македонија, кој што има за цел на иновативен начин, со информатички алатки, да ја раскаже, а со тоа и да ја оживее, приказната за битолските Евреи преку Еврејските гробишта и Паркот на живите во Битола.

Хакатон натпреварот е под покривителство на Министерството за надворешни работи на Израел и Министерството за информатичко општество и администрација на Република Македонија, во соработка со Факултетот за информатички и комуникациски технологии-Битола.

Хакатонот ќе биде свечено отворен во 18 часот, при што ќе се обрати Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

На нови ИТ решенија ќе работат тимови на млади информатичари, иноватори и креатори од цела Македонија. Ментори и судии се еминентни експерти од Израел и Македонија, од областа на информатиката, еврејската историја и култура, археологијата, медиумите, лидери на технолошки паркови, инвеститори и универзитетски професори, како и предводниците на проектот за ревитализација на еврејското минато во Битола и уредување на Меморијален парк на живите на Еврејските гробишта во Битола. Ќе се користат ретки документи, фотографии, видеа и други ресурси кои сведочат за Еврејската заедница во Битола, а кои се собрани од различни истражувачки институции, универзитети, музеи, ладино центри и приватни колекции од цел свет.

Целта е да се изработи дигитална платформа за посетителите на Паркот на живите во Битола. Натпреварувачите ќе работат и на креирање на холограми, видео игри, апликации, веб страни, интерактивни 2D или 3D мапи, анимации и други ИТ алатки тематски поврзани со историјата и наследството на Еврејската заедница во Битола. Воедно, ќе се работи и на развој на дигитални албуми кои ќе служат за едукација или како туристички водичи.

Натпреварувачите ќе се запознаат со еврејското наследство во Битола преку едукативна тура под менторство на Марија Герас Дочовска, координатор на Проектот за Ревитализација на Еврејските гробишта и Паркот на живите сеќавања и Маја Суша од Фондот на Холокаустот. При тоа ќе ги слушнат еврејските приказни од Широк сокак и Еврејското маало, а ќе ги посетат и Заводот, Музеј во Битола и куќата на еврејското семејство Ароесте.

За најдобрите ИТ решенија е предвидена награда. Трите победнички тимови ќе добијат целосно платена студиска посета на Израел, старт уп нацијата. Во Ерусалим и Тел Авив ќе посетат високотехнолошки паркови, мултинационални компании, акцелератори и културно-историски знаменитости, како кулата на Музејот на Давид, Цезареата и други знаменитости.

Промоцијата на победничките тимови ќе биде организирана на специјален настан на 12 Март во Скопје под покривителство на Министерството за информатичко општество.

Хакатонот е дел од програмата за одбележување на 75 годишнината од депортацијата на македонските Евреи. Организатор на комеморативните активности во Битола е Општина Битола во соработка со Здружението “Архам”, носител на проектот за ревитализација на еврејското минато во Битола и уредување на Меморијален парк на живите на Еврејските гробишта во Битола.

Evrotip
Евротип
To Top