Новости

Битола инфо

Млади од Израел и Македонија ќе учат за битолските Евреи за да испратат пораки за мир и космополитизам

Како дел од програмата за одбележување на 75 години од депортацијата на македонските Евреи, Ротари клубовите на Македонија и Израел, во Битола од 8 до 10 март организираат Меѓународен семинар за млади лидери (Rotary youth leadership award – RYLA).

Меѓународниот семинар е прва заедничка активност на Ротари клубовите од двете држави, при што 10 млади од Македонија и 10 млади од Израел ќе учат за ротаријанската мисија за мир и соживот во контекст на проектот за ревитализација на еврејското минато во Битола и уредување на Меморијален парк на живите на Еврејските гробишта во Битола.

Предавач на семинарот е Д-р Рахел Шели Леви Друмер, член на Еврејската заедница на Република Македонија и Претседател на невладината организација „Наследство на Евреите од Монастир/Битола“ од Израел, која ќе ги презентира историските детали за депортацијата на Евреите, нивниот живот во Битола пред холокаустот и живите сеќавања на нив, низ цел свет, до денеска.

На семинарот младите учесници ќе работат на подготовка на есеи кои треба да испратат пораки за мир и соживот и да го промовираат космополитиски дух на Битола, која и ден денес го негува споменот на Еврејската заедница која своевремено живеела тука, но со депортацијата била загубена во еден единствен ден.

Најдобрите есеи ќе бидат јавно објавени и ќе бидат парично наградени на свечена церемонија на завршувањето на семинарот.

Можност за изјави за медиумите во 18.00 часот, на 8 март 2018, во хотел “Широк сокак” во Битола.

Младите учесници на семинарот во Битола, на 16 март патуваат за Израел, каде што ќе се одржи вториот дел од Меѓународниот семинар за млади лидери.

Организатор на комеморативните активности во Битола по повод одбележувањето на 11 март, односно 75 годишнината од депортацијата на македонските Евреи, е Општина Битола во соработка со Здружението АРХАМ Битола, носител на проектот за ревитализација на еврејското минато во Битола и уредување на Меморијален парк на живите на Еврејските гробишта во Битола.

GOLD
To Top