Новости

Битола инфо

Српската амбасадорка во посета на Општина Битола

Амбасадорката на Република Србија, Душанка Дивјак Томиќ, денеска се сретна со градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска. На средбата беше договорено интензивирање на понатамошната соработка, како и отворање на нови можности за двете страни кои ќе придонесат за понатамошно зближување и напредок.

„На мое задоволство, денес гостин во Општина Битола е амбасадорот на Република Србија, со која имавме можност да разговараме околу перспективите на продлабочувањето на соработката на двата пријателски народи на Македонија и Србија. Востановивме дека, културната соработка која што постоела во изминатиот период и која што ги зближувала овие народи мора да се продлабочува и да продолжи поинтензивно. Меѓутоа, она што е позначајно и за двете држави е отворањето на можности за соработка на бизнис заедниците во една операционализација, која што ќе покаже брз ефект. Убедена сум дека оваа средба ќе значи продолжување и продлабочување на соработката на двете држави“, изјави градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.

На средбата беше ставен акцент и на понатамошната соработка во делот на меморијалниот туризам:

„Оваа е моја прва официјална средба со госпоѓата градоначалник и многу сум импресионирана од нашиот разговор и ширината на разбирањето, коешто во кусо време го разменивме во поглед на нашата соработка и пред се добрата волја за да се искористат можностите кои што ги имаме, а тие се многу поголеми од тоа што досега биле искористени, иако неможам да речам дека и досега не сме имале традиционална добра соработка, особено помеѓу нашите држави, а и помеѓу нашите народи, па и помеѓу поедини општини. Битола е збратимена со неколку општини во Србија, а тој вид соработка кој ги зближува народите и овозможува подобро меѓусебно запознавање во одредени области, во иднина ќе настојуваме да го обновиме и продлабочиме, а можеби и да го прошириме на некои други општини кои досега не биле активни. Во областа на културата имаме многу од тоа заедничко, а исто така доста интересна гранка е  и туризмот, како економска гранка, но и туризмот како долг кон нашата заедничка историја и нашето вековно заедничко живеење на овие простори, што популарно се нарекува меморијален туризам. Мислам дека тука имаме многу заедничко и многу сум задоволна од разбирањето на кое наидов од страна на градоначалничката, со цел заедно да работиме и на тој план многу повеќе да направиме, во споредба со досега“, изјави амбасадорката на Република Србија, Душанка Дивјак Томиќ.

Амбасадорката Томиќ одговарајќи на новинарско прашање додаде дека Србија и посакува на Македонија се најубаво како на близок сосед и традиционален пријател, дека поддржува се што ќе договорат двете земји, како и дека сака да се реши прашањето меѓу Македонија и Грција, и на тој начин целиот регион да се придвижи и да се искористи историската шанса посочена во Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан, а тоа е членство во ЕУ.

GOLD
To Top