Интервју со Ристо Димитров Чурино – спортист на Битола за 2016 година - Шеталиште

Новости

Битола инфо

Интервју со Ристо Димитров Чурино – спортист на Битола за 2016 година

Борецот Ристо Димитров – Чурино беше прогласен за спортист на Битола за 2016 година на 53-от избор на Сојузот на спортови во Битола. Ова признание го доби за одличната година во која освои трето место на европско првенство во кураш, прво место на државното првенство во боево самбо и прво место грaплинг – мешовито борење. Поразговаравме со него за неговите досегашни успеси и планови во иднина.

Шеталиште: Што значи признанието за најдобар спортист на Битола за тебе? Колку ќе биде поттик за уште поголем влог во иднина?

Ристо Димитров – Чурино: Сето она што го сработивме во 2016 и како спортист и како тренер и како претседател на два клуба, признанието за спортист на Битола е круна или врв на сите успеси и сите достигнувања во изминатата 2016, за се што се трудев и работев конечно има и физичко и јавно признание и многу ми значи.

Шеталиште: Од колкаво значење беше одржувањето на Европското првенство во ММА и граплинг во Битола минатата година?

Ристо Димитров – Чурино: Тоа беше еден од најголемите спортски настани во нашиот град, огромен настан, ги собравме борците и кремот на боречките вештини во Европа на едно место. Европско првенство во Мешани Боречки вештини и во Мешовито борење, нешто што се случува за прв пат во нашиот град, настан кој за прв пат е направен кај нас во кафез, со интернационални и домашни борци, Македонија и Битола ги ставивме на мапата на светските боречки вештини и мислам дека е од огромно значење и за градот и за државата.

Шеталиште: Кои се успесите кои досега ги имаш постигнато?

Ристо Димитров – Чурино: Успеси имам многу, почнувајќи од 2013 кога со мојот другар и соборец Александар Петковски – Аки отидовме на еден голем и престижен натпревар во мешовито борење, а беше под ADCC ( ABU DHABI COMBAT CHAMPIONSHIP) и од двајца натпреварувачи зедовме два медали и тоа две злата, јас злато во категоријата до 66 кг., а Александар злато до 100кг.  Направивме „бум“ на боречката сцена, дотогаш бевме непознати и како клуб. Наредната 2014 година, на истото натпреварување отидовме пак двајца и пак два медали, јас сребро, а Дарко Лукач бронза, Александар не присуствуваше заради тоа што беше во Америка. Наредната 2015 година, имавме солиден настап и тоа на натпревар во Самбо во Белишче, Република Хрватска, јас настапив во две категории и зедов две бронзи и бев единствен со две медали, иако преморен од патот прикажав одлични борби, потоа за прв пат настапив и на светското во Самбо и тоа во категоријата во Боево Самбо кое се одржа во Казабланка, Мароко и бев првиот во историјата што настапи на ваков вид натпревар и имав солиден настап. Исто така настапив на Европското во Кураш-Џудо во Аминдео, Грција каде зедов бронза во категоријата до 66 кг., а Дарко Лукач исто така бронза. 2016-та беше повеќе од успешна, станав државен првак во Боево Самбо до 66 кг,, 3-то место во Спорт Самбо исто така на Државното во Самбо, потоа бевме на Интернационалниот Фестивал на Боречки Вештини “ДОКТОР САВКА САБОТИК” каде зедов три златни медали во три различни категории и тоа Спорт Самбо, Боево Самбо и Грапплинг, потоа исто така на Европското во Кураш-Џудо исто така зедов Бронзен медал во категоријата до 66 кг и како врв на сето тоа го освоив Првиот Професионален појас во Мешани Боречки Вештини или ММА каде го победив Црногорецот Амел Шабановиќ и го донесов првиот појас во нашиот град.

Шеталиште: Колкава е заинтересираноста на младите за боречките вештини, колку се заинтересирани да бидат дел од вашиот клуб, Клуб за боречки спортови Чурин?

Ристо Димитров – Чурино: Нашиот клуб брои преку 40 члена и најмногу се млади и веќе искусни. Јас се трудам да ги однесам на што повеќе натпревари, што повеќе национални и интернационални. Бројот на членови од ден на ден се зголемува, интересот е голем и се надевам дека еден ден ќе прераснеме во еден огромен центар за боречки вештини.

Шеталиште: Според тебе, од која возраст децата треба да почнат да се занимаваат со спортска активност, особено со боречки вештини?

Ристо Димитров – Чурино: Кај нас најмладиот член има само 3 години и веќе го подготвувам за натпревар. Мислам дека 3 години е долната граница за да се почне со еден ваков спорт, ама се зависи од детето, а можеби ќе имаме и помлад член.

Шеталиште: Која е карактеристиката на боречките вештини, како тие влијаат на психофизичката состојба на телото?

Ристо Димитров – Чурино: Боречките спортови се најдобри за развивање на физичката и менталната сила, Џиу Џицуто и Џудото покрај физичката ја зајакнуваат и менталната способност на еден спортист кој ги практикува овие вештини, а кај децата ја развиваат моториката, силата, еластичноста и физичката и менталната сила. Затоа мислам дека боречките вештини се најдобри за тренинг и развивање кај едно дете, му влева и самодоверба, ги учи на послушност, респект и дисциплина.

Шеталиште:  Дали Битола има спортски потенцијал кога се работи за боречките вештини?

Ристо Димитров – Чурино: Битолските деца се едни од најталентираните во Македонија и во светот, страшно е тоа што многу малку се вложува во овие деца и овие спортови. Децата по некое време и покрај огромните успеси и медали се откажуваат, некои поради финансиски причини се откажуваат и губиме многу, губиме деца кои можат многу да направат на светска сцена.

Шеталиште: Кои се плановите, твои лични, но и на клубот во иднина?

Ристо Димитров – Чурино: На 11.03 се борам во Атина против светски шампион во Кикбокс. Сега во ММА е и еден од најголемите настапи на еден професионален спортист од Македонија, ќе биде во 60 земји во живо, потоа следува државното во Џиу Џицу и потоа неколку натпревари во регионот и се надеваме дека ќе излезат уште многу други . Со најмалите имаме државни во Џиу џицу и Џудо, а ќе настапиме и во неколку други боречки вештини, здравје само и ќе видиме што ќе донесе иднината.

To Top