Новости

Битола инфо

(Фото+Видео)Низ приказната на последното еврејско семејство од Битола, млади од Израел и Македонија учат за мир и лидерство

Животната приказна на последното еврејско семејство од Битола беше тема на синоќешната работилница во рамките на Ротаријанскиот меѓународен семинар за млади лидери (Rotary youth leadership award – RYLA), кој од 8 до 10 март се одржува во Битола. Ротари клубовите на Македонија и Израел го организираа семинарот како дел од програмата за одбележување на 75 години од депортацијата на македонските Евреи.

“RYLA Израел дозна дека RYLA Македонија има своја програма во Битола. Ни се допадна програмата и се приклучуваме.”-изјави Амос Фанаралте, задолжен за младинските програми на Ротари Израел.

“Младите се запознаваат со Македонија и нејзината историја. Искуството е одлично. Преку RYLA програмата за лидерство, Ротари Израел им помага на своите млади да истражуваат и учат како низ лидерство да се поврзат со многу земји во светот. Преку RYLA многу клубови низ светот се запознаваат и прават добри дела заедно.”-вели Дроу Шинкевич, шеф на делегацијата на RYLA Израел.

Меѓународниот семинар е прва заедничка активност на Ротари клубовите од двете држави. 10 млади од Македонија и 10 млади од Израел учат за ротаријанската мисија за мир и соживот во контекст на проектот за ревитализација на еврејското минато во Битола и уредување на Меморијален парк на живите на Еврејските гробишта.

“Речиси 20 години сум член на Ротари Битола и годинава имам можност да ги спојам мисијата на Ротари за пријателство, разбирање и соработка во светот со каузата која што во Битола се препознава како проект за Ревитализација на еврејското минато. Нашите пријатели ротаријанци од Израел се запознаа со проектот и организиравме семинар. Младите учат за лидерството кое секогаш е поврзано со разбирање на светот околу себе. Семинарот ги запознава и со приказната на последното еврејско семејство кое што се иссели од Битола. Тоа е семејството на Др.Шели Леви Друмер, со која на младите им раскажуваме што пријателството значи во секојдневниот живот. Зошто е тоа важно? Затоа што не постојат големи каузи, ако не се лични.”-вели Марија Герас Дочовска, од Ротари Битола.

За депортацијата на Евреите зборуваше Д-р Рахел Шели Леви Друмер, внука на познатиот еврејски лекар од Битола Др.Хаим Абраванел, од последното еврејско семејство кое се исели од Битола.

“Во Битола чувствувам дека ова е мој дом. Јас имам две татковини. Едната Израел, другата Македонија. Ме трогна тоа што здравствениот дом во Битола се именуваше според мојот дедо, Др.Хаим Абраванел. Многумина го паметат како голем човек, лекар и пријател.”-рече Друмер, која е родена во Скопје, но растена во Битола кај нејзиниот дедо Абраванел.

На семинарот учесниците подготвуваат есеи кои треба да испратат пораки за мир и соживот и да го промовираат космополитиски дух на Битола, која и ден денес го негува споменот на Еврејската заедница. “Дојдов да запознаам нови луѓе и нова култура, но и да учам за лидерството, што еден ден можеби ќе биде од помош и на мојата земја. Прв пат сум во Македонија. Од се што сум видела во Европа овде е поинаку.”-вели 17 годишната Гал Енгал од Израел, учесничка на семинарот.“Никогаш порано не сум на Балканот. Мило ми е што RYLA  не донесе тука и имам големи очекувања од овој семинар.”-вели 16 годишниот Израелец Ари Агам.

Најдобрите есеи ќе бидат наградени, а учесниците на 16 март патуваат за Израел, каде ќе се одржи вториот дел од семинарот. “RYLA е дел од програмите на Ротари Интернационал. Во фокусот се младите и лидерството. Во лидерството гледаме можност да се помогне на луѓето во заедницата, да се биде еден до друг секогаш кога има потреба.”-рече Игор Андреевски, координатор на Сојузот на Ротари клубовите од Македонија, истакнувајќи дека сојузот вклучува 19 клубови и помага и при актуелни проблеми, како што е аерозагадувањето, преку набавка на прочистувачи на воздухот за детските градинки.

 

Evrotip
Евротип
To Top