Новости

Економија

Брегзит става сенка и над индустрија од 7,2 милијарди долари

Брегзит носи многу опасности со него. Британската економија може да изгуби милијарди како резултат на излезот на Велика Британија од Европската унија.

Спонзорирано од СН ФИНАНСИИ

Една конкретна и сосема специфична индустрија, проценета на 7,2 милијарди долари, е исто така е поставена на масата.

Станува збор за тркачките коњи во Англија и Ирска, кои можат да настрадаат сериозно како резултат на Брегзит.

Тркачките коњи се сериозен бизнис и од двете страни на Ирското Море, обезбедувајќи работа за над 32.000 лица во руралните региони и додавајќи вкупно 7.2 милијарди долари годишно кон економиите на двете земји, покажуваат податоците на „Deloitte“, цитирани од „CNN“.

„Може да има огромно влијание врз тркачките коњи тука и во Велика Британија, што всушност е загрижувачко“, вели Брајан Каванаг, извршен директор на ирската федерација за коњски трки – „Horse Racing Ireland“.

„Двата секторот во Велика Британија и Ирска всушност работат ефикасно како една заедничка индустрија“, вели Каванаг. „Ако Велика Британија остане надвор од царинската унија и единствениот пазар, ќе биде многу тешко да се справиме“, додава тој.

Така на пример, секоја година околу 10.000 коњи се транспортираат слободно меѓу Велика Британија и Ирска со договор меѓу двете страни и Франција. Договорот датира од 1960-тите, а денес е како европски закон.

„Велика Британија се потпира на Ирска за тркачки коњи, од кои има потреба, за да оперира со натпреварувачката индустрија, додека Ирска се потпира на Велика Британија да ги купува овие коњи“, вели Робин Мунси, портпарол на „British Horseracing Authority“.

„Зачувувањето на слободното движење на чистокрвните животни во рамките на Европа, заедно со општите политики во областа на транспортот, здравството и социјалните политики, се меѓу најважните точки за индустријата“, додава тој.

Ирска е мека на чистокрвни коњи. Секои 10.000 луѓе имаат 50 расни животни, 10 пати повеќе од Велика Британија. Значи, ако Брегзит се случи без трговски договор, тогаш Ирска може да понесе сериозни штети, бидејќи Велика Британија нема да може да ги купува коњите на начинот на кој го прави сега.

Тристраниот договор помеѓу Велика Британија, Ирска и Франција, кој му претходи на влезот на Англија во Европската економска област, опфаќа речиси 90 отсто од коњите во ЕУ.

Договорот дозволува коњот регистриран во една од трите земји слободно да се транспортира меѓу нивните територии под услов да има пасош и здравствен сертификат.

Понатаму, врз основа на овие текстови, ова важи и за транспорт на тркачките животни во Ирска и Северна Ирска, каде што често се одржуваат коњски трки. На пример, 9 од 10 коњи кои се натпреваруваат во Северна Ирска се обучени во Ирска.

Ако Велика Британија не успее да договори договор со ЕУ, тркачките коњи можат да станат предмет на долги и скапи проверки на царината по границите по правилата на Светската трговска организација, посочуваат од „Horse Racing Ireland“.

Покрај тоа, Брегзит без зделка може да ги стави одгледувачите на коњи во непријатна и исцрпувачка ситуација. Наместо да патуваат на копно во Велика Британија, а потоа да стигнат до Европа преку Ла Маш, напуштањето на ЕУ може да предизвика 24-часовен воден пат, што може лошо да влијае на животните.

Еден од секои пет коњи од првите 100 тркачки коњи се подигнати во Ирска, со што земјата стана најуспешна во овој спорт. Според „Deloitte“, Ирска годишно извезува коњи за одгледување за Велика Британија во вредност од 300 милиони долари.

 

 

 

 

 

 

Извор: denar.mk

Evrotip
Евротип
To Top