Новости

Економија

ЕЛЕМ: ТРАНСМЕТ се откажа од договорот за ископ на јаглен во РЕК Битола

АД ЕЛЕМ ја информираше јавноста дека правното лице ТРАНСМЕТ се откажа од договорот за ископ на јаглен во РЕК Битола и го извести АД ЕЛЕМ дека се повлекува од претходно добиениот тендер поради неможност да ги исполни обврските за ископ според утврдената динамика.

„Од денеска договорот со ТРАНСМЕТ е раскинат и АД ЕЛЕМ ќе ги преземе сите правни дејствија кои му стојат на располагање согласно договорот и согласно законите за да ја намали штетата која му е причинета од несовесното работење на наведеното правно лице, а со тоа да ја намали и штета врз јавниот интерес, сега, но и во иднина. АД ЕЛЕМ ќе ја наплати банкарската гаранција од 300 илјади евра, која има право да ја активира по неколку основи од договорот, кои ТРАНСМЕТ ги прекрши. АД ЕЛЕМ ќе испрати известување до Бирото за јавни набавки за активирање на банкарската гаранција, по што следува издавање негативна референца од страна на бирото за конкретното правно лице, со што ова правно лице ќе биде спречено да учествува на државни тендери во траење од една година и ќе биде оневозможено да нанесе евентуална штета врз други државни фирми и институции. За поцелосно информирање на јавноста, сакаме да наведеме дека во изминатите три месеци од кога беше склучен договорот, правното лице ТРАНСМЕТ не ги испорача договорените количини јаглен за ниту еден месец, ниту ги надомести во следниот месец, како што дополнително се обврза“ – велат од ЕЛЕМ.

Исто така, во вториот и третиот месец испорачуваше јаглен со недоволна калориска вредност, додаваат оттаму.

„Од друга страна, во подолг период имаше застој во работата поради штрајк на работниците на ова правно лице, кои во последните 20 дена целосно го запреа ископот. Сакаме да нагласиме дека АД ЕЛЕМ во договорот имаше наведено и дека ТРАНСМЕТ како договорна страна е потребно редовно да исплатува плати за своите вработени и дека нивното неисплатување може да биде една од основите за раскинување на договорот од страна на АД ЕЛЕМ. Со оглед на тоа што овој договор е веќе раскинат, АД ЕЛЕМ и понуди на фирмата која беше второрангирана на тендерот да склучи договор и да го преземе ископот на јаглен, што од нивна страна беше одбиено. Поради тоа, АД ЕЛЕМ ќе распише нов тендер за избор на надворешна фирма за ископ на јаглен во РЕК Битола, односно во рудникот Брод-Гнеотино. Во меѓувреме додека да се реализира новиот тендер, ископот на јаглен ќе се покрие преку т.н. итна постапка, односно ќе бидат повикани неколку фирми кои имаат работено на ископ и транспорт на јаглен и јаловина, од кои ќе се избере најповолна понуда и ќе се склучи спогодба за привремено вршење ископ во следните три месеци, односно до конечниот избор на фирма за ископ, преку тендер и е-аукција“ – стои во соопштението од ЕЛЕМ.

Сакаат да потенцираат и дека новонастаната негативна ситуација раководството на АД ЕЛЕМ успева да ја менаџира во насока да одговори на потребите за електрична енергија и обезбедување енергетска стабилност на системот.

GOLD
SN Finansii
To Top