Новости

Економија

Каде „испари“ добивката на „Макпетрол“?

Компанијата ги зголемила приходите од продажба, но расходите пораснале 70 милиони денари повеќе од приходите за колку и е помала добивката во однос на 2016 година. Лани „Макпетрол“ вратил на добавувачи 1 милијарда денари и се задолжил за 1,2 милијарди денари. За камати платил 77,2 милиони денари што е 24 отсто помалку од 2016 година.

Спонзорирано од СН ФИНАНСИИ

„Макпетрол“ лани ги зголеми приходите од продажба за 2,3 милијарди денари, но профитот паднал за 20 отсто во споредба со 2016 година, покажуваат официјалните податоци од финансиските извештаи на најголемата компанија за малопродажба на нафтени деривати во земјава.

„Макпетрол“ лани стигна до 18,614 милијарди денари (околу 300 милиони евра) приходи од продажба и со тоа забележа подобрување на своите резултати за 14 отсто во споредба со 2016 година. Најголем раст на приходите оствари на домашниот пазар затоа што пораснала малопродажбата на енергенси како што пишува во соопштението на „Макпетрол“. Истовремено со растот на приходите од продажба оперативните расходи пораснале за 2,370 милијарди денари што значи за 70 милиони денари повеќе од растот на приходите. Тие на крај на 2017 година достигнале 18,4 милијарди денари. Најголем раст има кај најголемата расходна ставка – набавна вредност на трговски стоки каде има зголемување за 2,25 милијарди денари до износ од 16,385 милијарди денари односно за 16 отсто.  Раст од 11 отсто има и кај ставката за услуги за материјални трошоци и тие на крај на 2017 година достигнале 511 милиони денари. Раст од 3 отсто има и кај трошоците за вработени кои на крај на 2017 година изнесувале 891 милиони денари. При тоа оперативната добивка на компанијата изнесува 323,78 милиони денари и е пониска за 108 милиони денари од износот во 2016 година. Од горенаведените податоци излегува дека растот на приходите од продажба речиси е идентичен со растот на расходот за набавка на трговските стоки што „Макпетрол“ ги продава на своите повеќе од 130 продажни места ширум земјава.

Финансиските расходи смалени за 24 отсто

Охрабрувачки за акционерите на „Макпетрол“ е тоа што компанијата значајно ги намалила своите финансиски расходи. Лани на крај на годината тие изнесувале 77,17 милиони денари и се пониски за 25 милиони денари што е солидно намалување во споредба со 2016 година. Вкупната сеопфатна добивка на „Макпетрол“ лани е 301,1 милиони денари и тоа е за 20 отсто помалку од 2016 година односно за 75,7 милиони денари.

Значајно да се истакне е тоа што обврските на „Макпетрол“ лани пораснале за 243,6 милиони денари и на крај на 2017 година изнесуваат 3,923.7 милијарди денари. Во овој период „Макпетрол“ значајно ги намалил своите обврски спрема своите добавувачи и тоа за 1 милијарда денари. Тие на крајот на 2017 година се 824,8 милиони денари. Но притоа обврските на „Макпетрол“ по основ краторочни кредити лани пораснале за 1,19 милијарди денари.

Во 2017 година „Макпетрол“ минимално ги намалил своите побарувања од купувачи и тие на крај на декември лани изнесувале 439,7 милиони денари.

Извор: faktor.mk

GOLD
To Top