Новости

Економија

Кои се предностите да се работи со брокер – интервју со Христо Кондовски, СН Осигурителен Брокер АД Битола

Извадок од интервјуто на Христо Кондовски за бизнис магазинот Економија и бизнис

 

  • СН Осигурителен Брокер важи за друштво со брз раст. Запознајте не со почетоците и со сегашното дејствување на СН.

СН Осигурителен Брокер е заснован на самиот крај на 2014 година, односно почна да дејствува во декември 2014 година. Идејата за основање на СН е моја и на колегата Зоран Пејчиновски. Идејата беше поддржана од останатите 5 акционери кои се докажани бизнисмени. СН ОБД АД Битола во декември 2014 година почна со 4 вработени. Денес СН брои 39 вработени и 14 канцеларии низ земјава. Развојот на СН продолжува и понатаму.

СН во 2015 година полисираше 58 082 000,00 денари, во 2016 година имаше раст од речиси 89% или полисираше 109 772 000,00 денари. СН оствари добивка и во 2015 и во 2016 година, која порасна неколку пати во однос на 2015 година. Трендот на раст продолжува и во 2017 година така што до денес СН Осигурителен Брокер има полисирано околу 70 000 000,00 денари, што е за околу 82% повеќе во однос на лани за истиот период.

СН во 2016 година ја имаше следната структура по класи:

*Автоодговорност 35%

*Други осигурувања на имот, вклучително и осигурување на посеви 27%

*Каско 14%

*Итн.

Ова значи дека СН отстапува од генералната слика на пазарот каде што преовладува автоодговорноста со над 50%. Големата продажба на имотни полиси и каско покажува дека СН вложува во незадолжителните класи на осигурување каде што е потребно повеќе стручност и подобра екипираност. Недвојбено вложуваме во кадри кои сакаат да се надоградат во осигурувањето, кадри кои ќе им понудат дополнителна услуга на осигуреникот, пред се во делот на имотното и незадолжително осигурување.

СН практично до денес својата продажба ја остварува по принципот од врата на врата, од субјект на субјект. Продажбата и воопшто вршењето услуги на СН до денес не се одвивала преку станица за технички преглед и има помалку од 1% јавни набавки од вкупно полисираната премија, што потврдува дека СН работи со корпоративни клиенти и население каде што е препознаен како субјект кој нуди дополнителна услуга.

 

  • Кои предности ги добива клиентот доколку работи со брокер, односно со СН Осигурителен Брокер?

Ќе бидам искрен, а тоа значи и нескромен. Клиентот добива многу повеќе, клиентот добива дополнителна услуга. Тоа е повеќе од осигурување. Клиентот добива аутсорсинг услуга од над 20 стручни лица. Тоа значи дека за клиентот работат Правниот сектор, Секторот за развој, оценка и преземање ризик, Секторот штети, Секторот за финансии и сметководство, а клиентот не плаќа ништо повеќе, односно само ја плаќа премијата за неговата полиса која чини исто дали ја подигнал преку брокер дали директно преку осигурителна компанија.

Ова практично значи дека доколку одберете да работите преку СН, вие потпишувате овластување на неодредено време, кое го отповикувате кога сакате. Додека трае овластуавањето, вие практично сте го овластиле СН да ве застапува пред сите осигурителни компании во РМ во делот на избор на осигурително покритие и во делот на реализирање на отштетни побарувања доколку дојде до одреден осигурен штетен настан.

СН со овластувањето врши објективна анализа за вашите потреби во делот на осигурувањето. Откако СН ќе дознае што вам ви е потребно, доставува барање за издавање понуда за вас кај неколку осигурителни компании (за кои смета дека се најсоодветни за покривање на вашиот ризик). СН врши објективна проценка на понудата и онаа најсоодветната ви ја презентира во однос покритие-премија и ви ги образложува условите на полисата. Вие како субјект практично добивате најсоодветна понуда за осигурување, а ја плаќате само премијата на рати или во готово во СН, онаа премија која ја определила осигурителната компанија, ништо повеќе, ништо помалку. Вие добивате објективност, стручност за 0 денари. Вие добивате дополнителна правна помош во реализирање на отштетно побарување за истите 0 денари. СН моментално нема незадоволен клиент и ќе настојуваме и понатаму да остане така.

 

  • Како Ве гледаат осигурителните компании? Дали Ве гледаат како конкуренција или како соработници?

СН нуди осигурителни производи речиси од сите осигурителни компании. Претходново покажува дека ние соработуваме со сите и сме деловни партнери на едно високо ниво. СН е свесен дека е ценет од осигурителни компании во РМ, но свесен дека е ценет поради довербата од клиентите. СН кај осигурителните компании вреди онолку колку што има лојални клиенти.

СН исклучително е свесен дека во центарот е клиентот, но за задоволен клиент треба и соработка со осигурителна компанија, односно соработка со сите компании на високо ниво. Ние како партнери на осигурителните компании сме свесни дека довербата кај нив треба да ја постигнеме: како прво, преку исполнување на годишните планови, како второ, преку правилно известување за ризикот кој го преземаат, како трето, преку правилно поставување на барањата во име и за сметка на клиентите во делот на штетите и како четврто, преку навремено намирување на обврските за премија во согласност со договорите од наша страна кон осигурителната компанија. Држејќи се кон овие четири принципи, сметам дека довербата ќе биде нераскинлива и ќе одиме во иднина во една друга насока каде што, во согласност со довербата во СН, некои од компаниите ќе решат, а во интерес на економските принципи, во делот на трошоците, да ги повлечат своите директни продажни места, да ја остават продажбата на осигурителното брокерско друштво кое е распространето насекаде. Претходново покажува дека осигурителните компании можат во иднина да се повлечат во своите убави згради, одговорно и сконцентрирано да менаџираат со своите финансии, а продажбата и пријавата на штети да ја остават на сериозни осигурителни брокерски друштва, односно на СН. Со ваков начин на работа, тие би ги намалиле трошоците за директна продажба во прва инстанца, додека во втора инстанца би се зголемил обемот на работа кај осигурителните брокерски друштва, што значи би се отворила можност да се намали брокеражата што ја плаќаат осигурителните компании на осигурително брокерските друштва. Последново значи уште едно намалување на трошоците на осигурителните  компании.

Зоран Јовановски

СН Финансии
To Top