Новости

Економија

Компаниите бараат стабилна политичка состојба за да инвестираат

Спонзорирано од СН ФИНАНСИИ

Политичките турбуленции во државата последните две години влијаеја на сигурноста на инвестициите. Секогаш ќе има пад на производството и на извозот кога приватниот сектор се воздржува од инвестирање. За да може приватниот сектор да инвестира, потребна е стабилна политичка состојба во земјата и намалување на изборните циклуси, рече денеска претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК) Данела Арсовска.

На прес-конференцијата на која ССК го промовираше проектот „Светската мрежа за мали бизниси“, Арсовска, одговорајќи на новинарски прашања, истакна дека приватниот сектор мора да знае и да биде сигурен дека нема повторно да има турбуленции за да продолжи со циклусите и на производство и на извоз.

Во врска со минималната плата, Арсовска нагласи дека се очекува од наредниот месец Владата да почне со исплата на субвенциите за компаниите.

– Не сакаме да се соочиме со проблеми во ликвидноста поради зголемување на трошоците кои компаниите реално немаат можност да ги издржат зашто им се зголемуваат, покрај сите останати парафискални давачки, и овие други давачки како што е зголемувањето на минималната плата. Не би сакале да се соочиме со ситуација во која приватниот сектор ќе почне да го намалува бројот на работните места за да ја исполни квотата за исплата на минималната плата, особено во трудоинтензивните дејности, потенцира претседателот на ССК.

Според Арсовска, треба најпрво да се делува на зголемување на продуктивноста на компаниите, да им се овозможи да растат и да се зголеми нивната моќ за да можат сами, без субвенции од државата, да исплатат минимална плата од 12.000 денари.

Арсовска уште еднаш напомена дека на бизнис заедницата и е потребна ефикасна државна администрација која, како што рече, ќе ги исполнува своите работни задачи во предвидените рокови, а со тоа и ќе им овозможи на компаниите нормално да функционираат, без застој и да ги исполнуваат своите предвидени активности.

За владиниот предлог дел од администрацијата да премине во приватниот сектор, Арсовска подвлече дека претходно мора да се направи добра анализа со какви кадри располага администрацијата за да видат компаниите што од тоа им е потребно.

Извор: миа.мк

Karmen
To Top