Новости

Економија

НБРМ: Состојбите во економијата се подобруваат

Спонзорирано од СН ФИНАНСИИ

Состојбите во економијата се подобруваат. Податоците на НБРМ за економската активност за третиот и расположливите податоци за четвртиот квартал од минатата година  упатуваат на постепено подобрување на состојбата во економијата.

– Ваквите поместувања испраќаат сигнали за понатамошно стабилизирање на очекувањата и довербата на домашните економски субјекти. Надворешната позиција на економијата и понатаму се оценува како стабилна, при што движењата кај девизните резерви се поволни, а показателите за адекватноста на девизните резерви и натаму се движат во сигурната зона. Сепак, во услови на сѐ уште присутни ризици за остварувањето на проекцијата, Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи состојбите, заради навремено и соодветно приспособување на монетарната политика, наведуваат во соопштението од НБРМ.

БДП во третиот квартал од 2017 година покажува годишен раст од 0,2 процнети, што, како што стои во соопштението, е нешто пониско остварување од проектираната стапка од 0,7 отсто.

Во соопштението се додава дека во втората половина од 2017 година дојде до забрзување на годишниот раст на домашните цени од 1,6 отсто во третиот и на 2,2 отсто во четвртиот квартал.

– За цела 2017 година, стапката на инфлација изнесува 1,4 отсто, и генерално е во рамки на октомвриската проекција на просечна инфлација од 1,3 отсто. Инфлацијата во 2017 година речиси во целост се должи на растот на базичната компонента, во услови на неутрален придонес од прехранбената и минимален позитивен придонес од енергетската компонента. Во услови на остварувања коишто главно се во согласност со проекцијата, ризиците околу очекувањата за инфлацијата за 2018 година и 2019 година, и натаму се поврзани со неизвесноста околу очекуваното движење на цените на примарните производи, стои во соопштението.

Најновите податоци за бруто девизните резерви за четвртото тримесечје од минатата година, според НБРМ, упатуваат на квартален раст, што е подобро остварување од очекуваното во октомвриските проекции.

Во последното тримесечје од 2017 година Народната банка не ја промени поставеноста на монетарната политика и основната каматна стапка се задржа на нивото од 3,25 отсто. Тековната монетарна поставеност се оценува како соодветна, во услови на натамошна стабилност на економските основи и отсуство на нерамнотежи во економијата.

Советот на НБРМ на седницата ги разгледа и ги донесе Одлуката за правилата за добро корпоративно управување во банка, Одлуката за изменување и дополнување  на Одлуката за издавање согласности и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за издавање дозволи. Овие одлуки се донесени со цел усогласување на домашната регулатива со базелските стандарди и принципи, како и заради усогласување со Законот за изменување и дополнување на Законот за банките.

Извор: www.alsat.mk

 

To Top