Новости

Економија

Трамп во ризик за трговска војна со Европа и Кина

ЕУ се заканува со брзо возвраќање на ударот по најавата на американскиот претседател Трамп за воведување реторзивни (казнени) царини при увозот на челик и алуминиум. За збор се јави и Кина.

Спонзорирано од СН ФИНАНСИИ

„Нема само немо да гледаме како нашата индустрија страда од нефер мерки кои загрозуваат илјадници европски работни места“, изјави претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер во Брисел. Комисијата ќе објави свој предлог-одговор веќе во наредните денови, кој ќе биде во согласност со правилата на Светската трговска организација (СТО). „ЕУ ќе реагира одлучно и одмерено за да си ги одбрани своите интереси“, рече Јункер.

Шефот на ЕК не даде конкретни информации за тоа како би можеле да изгледаат одмаздничките мерки. Експерти на ЕУ веќе со месеци работат на список на американски производи кои како реакција на изолациски мерки од страна на САД би можеле да бидат оптоварени со дополнителни царини. На тој список би можеле да се најдат, меѓу останатото, и бурбон-виски и мотоциклите „Харли Дејвидсон“, но и компири и домати од САД. Покрај санкциите, ЕУ би можела да реагира и со тужба во СТО, потег што веќе го сигнализираше еврокомесарката за трговија, Сесилија Малмстром.

Изутринава и Кина ги критикуваше најавите на американскиот претседател Трамп. „Доколку сите земји го следат примерот на САД, тоа ќе има сериозни последици за светскиот трговски поредок“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуа Чунјинг.

Трамп – тврд како челик

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера уште еднаш стави јасно до знаење дека неговата политика „Америка на прво место“ ќе биде консеквентно спроведувана во делот на светската трговија. Тој најави реторзивна (казнена) царина од 25% на увозот на челик. При увоз на алуминиум пак, би требало да има казнена царина од 10%. Домашното производство мора да се заштити од евтината конкуренција од странство, оцени Трамп на средбата со претставниците на оваа бранша во Белата куќа. „Ќе добиеме повеќе работни места и пулсирачки претпријатија“, рече американскиот претседател проследен со аплауз од присутните претприемачи.

Evrotip
Евротип
To Top