Новости

Македонија

Ќе се воведе приоритетен упат со точна дијагноза

Приоритетните упати создаваа голем хаос и поради тоа веќе е направена промена која наскоро ќе се имплементира, а таа се однесува на тоа дека повеќе нема да има општ приоритетен упат, туку ќе има приоритетен упат со точни дијагнози по области, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче по посетата на Клиниката за детски болести.

Одговарајќи на новинарско прашање Филипче рече дека точно ќе се знае за каква дијагноза станува збор во соодветна област што навистина е итна, ќе се добие тој упат и тој пациент ќе мора да биде прегледан во рок од 24 часа таму каде што е упатен.

Некои промени се веќе изработени и се имплементираат во Национален систем за електронски евиденции во здравството МојТермин.

Станува збор за моделот за финансиско и материјално работење кој се имплементира во сите јавни здравствени институции со цел во секој момент да знаат со што тие располагаат од лекови и материјали, за да не дозволат да има дефицит на едно место, а на друго едноставно поголема количина, а тие воопшто немаат увид.

Филипче посочи дека системот се надградува и со формирање модули во кои се ставаат посебните центри кои го чуваат инсулинот за да имаат електронски увид, се прават електронските регистри на пациентите со ретки болести, но и на пациентите со хронични болести.

– Очекуваме дека во следниот период, се надевам дека до крајот на годинава ќе имаме еден електронски систем кој ќе ги интегрира сите јавни здравствени институции, а ние како Министерство за здравство ќе имаме увид во секој момент со што тие институции располагаат. На тој начин, значително го намалуваме ризикот да дојде до дефицит на каков било материјал или лек во која било болница во државата – додаде Филипче при денешната посета на Детската клиника.

GOLD
GoldSlot
To Top