Новости

Македонија

Владата ја запре продaжбата на „мерцедесот“ од 600.000 евра

Владата на Република Македонија на денешната седница одлучи да го стави во мирување процесот на продавање на возилото “Мерцедес” до завршувањето на судскиот спор во кој може да се појави потреба да биде доказен материјал. Оваа одлука се носи со цел да се оневозможи избегнување одговорност на обвинетите во судскиот процес каде возилото е предмет на интерес.

На редовната 57-ма седница, Владата на Република Македонија го формираше Советот за следење на имплементација на стратегијата во правосудството 2017-2022, со кој ќе претседава премиерот Зоран Заев. На седницата беше утврден и составот на Советот. Во него ќе членуваат министерот за правда Биљен Саљији, неговиот заменик Оливер Ристовски, Јавниот обинител Љубомир Јовевски, претставник од Врховен Суд, Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, по еден претставник од Апелационите судови во Гостивар, Битола, Штип и Скопје, како и по еден претставник од Основните судови Скопје 1 и 2. Членови на овој совет, ќе бидат и Народен правобранител Иџет Мемети, како и Џемали Саити, претседателот на здружението на судии, а свои претставници ќе имаат и Адвокатската комора, како и Блу Принт групата на граѓански организации за правосудство.

На седницата, министрите ја разгледаа и ја усвоија Информацијата за прогресот на активности во реализацијата на Акцискиот план за проектот „Изградба на автопат Демир Капија – Смоквица”, автопатот ќе се пушти во употреба кон средината на следниот месец.

Владата на денешната седница одлучи да прекине постапката за измена на Планот за управување на Националниот парк Галичица, согласно препораките на УНЕСКО. Тоа значи дека овој Национален парк и натаму останува заштитено светско наследство на листата на УНЕСКО.

Заради негување на играорната, вокалната и вокално-инструменталната фолклорна уметност на албанската заедница во Република Македонија, на денешната седница се основаше Национална установа „Ансамбл на албански народни ора и песни во Република Македонија“ – Скопје, како непрофитна установа од областа на културата.

GOLD
GoldSlot
To Top