Новости

Македонија

Денес за првпат ќе се одржи Олимпискиот маратон на 10 километри во Охрид

Како олимписка дисциплина, ќе се пливаат 10 круга од по еден километар. Стартот ќе биде на Старото градско пристаниште, точно в о 12 часот, а ќе се плива во круг до хотел „Милениум“.

Првиот олимписки маратон во водите на Охридското Езеро е под капата на ФИНА – Светската пливачка федерација, за регуларноста на трката ќе се погрижат нивни судии и делегат.

Зад маратонот, организациски стои Македонскиот олимписки комитет, додека тејничката организација ја спроведува пливачкиот клуб „Охридски бранови” од Охрид.

Во организацијата е вклучен и Црвениот крст од Охрид и други асоцијации. Организаторите велат дека овој пат маратонот се плива, пред сè, поради публиката,која од суво и од пловни објекти непосредно ќе ги следи маратонците.

На овој начин, Охрид ја збогатува туристичката понуда со нова пливачка трка под отворено небо, и тоа во олимписката дисциплина – на 10 километри. В сабота ќе се одржи првата трка што воопшто се пливала на нашето езеро на оваа далечина, а која претендира да стане дел од Светскиот куп на Меѓународната пливачка федерација (ФИНА).

– Првпат во историјата се одржува маратон во Македонија, кој претендира да стане предолимпски турнир на кој ќе се брка олимписка норма. Да не верував дека ќе успееме, одамна ќе се откажев – вели директорот на трката Александар Маленко.

Наградниот фонд изнесува по 3.000 евра во машка и женска конкуренција.

Потврдено е учество на 13 пливачи – тројца од Македонија, меѓу кои и Александар Илиевски, потоа пливачи од Бугарија, Словенија, Грција, Аргентина, Холандија, Србија и Грција, а можно е уште двајца од Србија дополнително да бидат вклучени на списокот.
Наредниот викенд ќе пливаат учесниците на Гран-при серијата од Свети Наум до Охрид, сега на 25 километри, а не како досега 31.
Рокот за пријавување е до 12 август, но се очекува учество на досегашните редовни учесници, како што се Дамјан Блаум, Гзавје Дешарне, Едоардо Стокино, како и нашинецот Евгениј Поп-Ацев, кој беше двапати трет во првите две трки што се одржаа – во Аргентина и во Канада.

Досега има десетина пријави за овој маратон, а се очекува да настапат вкупно 20 учесници во двете конкуренции – машка и женска.

Покровител на оваа манифестација е претседателот Ѓорѓе Иванов, организатор е градот Охрид, а наградниот фонд 10 илјади долари.

Karmen
To Top