Новости

Македонија

Законот за нотаријат ќе претрпи промени, најави премиерот Заев

Во борбата кој ќе добие повеќе можности да заработи, се забораваат дека сите им служиме на граѓаните преку пренесени овластувања, рече денека премиерот Заев одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали ќе го повлече најавениот предлог за Законот за нотаријат. Адвокатите бараа негово повлекување, а доколку не се повлече, како најрадикална мерка најавија штрајк.

-Ред е прво да разговараме, а после тоа правото на штрајк не им бега. Јас денеска закажав состанок со министерот за правда и заменик министерот за правда, мојот советник за правни работи, но и претседателот на Комората за нотаријат на нотарите, претседателот на Комората на адвокатите и претставникот на Стопанската комора којашто работи на оваа проблематика. Верувам дека денеска ќе најдеме решение коешто ќе биде прифатливо за двете страни, а во функција на закон којшто пред сè ќе им служи на граѓаните. Во борбата кој ќе добие повеќе можности да заработи, се забораваат дека сите им служиме на граѓаните преку пренесени овластувања, пред сè нотарите, но секако и адвокатите. Наша конечна цел како влада е да ги намалиме трошоците на граѓаните во било која постапка.

Во тоа име јас се надевам дека денеска ќе имаме разбирање од претставниците на двете комори и на Стопанската комора на Македонија да изнајдеме правично решение и секој да добие фер шанса согласно Уставот и законите да заработува од Република Македонија, но и граѓаните да добијат пониски сметки при нивните правно формални постапки којшто ги водат пред институциите, рече Заев.

Тој потенцираше дека Законот ќе претпрпи промени.

– Јас тоа што можам од старт да го кажам е дека во еден дел сигурно се во право адвокатите, во еден дел сигурно се во право и нотарите. Верувам дека има и меѓународни пракси, ние не го измисливме ова, ќе ги примениме сите меѓународно добри, признати примери, и она што е пракса во Република Македонија, сослушувајќи ги аргументите на двете страни, на крајот да се донесе правично законско решение за заинтересираните страни. Но, како што реков ви функција на интересите на граѓаните на Република Македонија, рече Заев.

Evrotip
Евротип
To Top