Новости

Македонија

Иванов го доби указот за Законот за јазици, не одлучил дали ќе го потпише

Претседателот Ѓорге Иванов уште вчера го добил указот за Законот за употреба на јазиците, но не се знае дали ќе го потпише или ќе го искористи правото на вето. Од неговиот кабинет велат дека тој одлуката ќе ја донесе согласно законски предвидениот рок.

Доколку претседателот не го потпише указот, законот ќе се врати во собраниска процедура и пратениците ќе треба повторно да го разгледуваат и да гласаат за него. Разгледувањето ќе биде во фаза на трето читање во рок од 30 дена од денот на негово донесување.

Во оваа фаза, пратениците ќе може да поднесуваа амандмани само за она на што укажал Иванов. За да биде изгласан повторно законот ќе бидат потребни мнозинството гласови од вкупниот број пратеници, а Иванов ќе биде должен да го потпише указот. Рокот кој сега го има претседателот за да одлучи дали ќе потпише или не е седум дена.

Пратениците вчера со 69 гласа „за“ го изгласаа законот, а неизвесноста за тоа каква ќе биде одлуката на претседателот доаѓа и по критиките кој тој ги упати во неговото годишно обраќање во Собранието на 26 декември минатата година.

– Реформаторот можеби е во право за она што е погрешно, но, не секогаш е во право за она што е правилно. Едно од тие прашања е Законот за употреба на јазиците. Со овој закон, заради краткорочни политички поени се доведуваат во прашање трајните интереси на Република Македонија и македонскиот народ. Прво, барањето за двојазичност е апсолвирано со амандманот 5 од Уставот, кој произлезе од Рамковниот договор, каде се регулира прашањето за службениот јазик во Република Македонија – рече Иванов.

Тој рече колку што е опасно да не се спроведува Рамковниот толку е опасно и излегувањето од неговите рамки. Критикуваше и за европското знаменце кое беше ставено на законот, како и немањето на прецизна терминологија во него околу тоа што е официјален, служен и јазик за службена употреба.

– Законот е репресивен. Оние кои тврдат дека предлог-законот е во согласност со Уставот и законите, ќе ги прашам: во согласност со чиј Устав и чии закони? Како претседател во мојот Кабинет имав консултации со правни експерти, уставни судии, академици, универзитетски професори, лингвисти. По извршените консултации можам да кажам дека Законот за јазиците не претставува закана по македонскиот јазик. Тој претставува закана по унитарноста на државата. Овој предлог-закон го крши најголемиот закон на државата, а тоа е Уставот – посочи Иванов, додавајќи дека се носат закони без политички дијалог и без вклученост на научната и експертската јавност.

Evrotip
Евротип
To Top