Новости

Македонија

Извлечени телата на планинарите на Кајмакчалан

Извлечени се телата на двајцата планинари од Македонија од врвот Кајмакчалан и се симнуваат кон скијачкиот центар каде што доктори од итната служба ќе треба да констатираат дека момчето и девојката од Македонија се мртви, дознава МИА од грчката противпожарна служба.

Две лица, планинари од Македонија, загинаа на врвот Кајмакчалан на планината Ниџе во Грција, најверојатно по пад во бездна.

Според информациите на МИА од Атина, најверојатно станува збор за 25 годишна девојка и 35 годишен маж, планинари кои биле во група од околу 50 лица во областа Агиос Атанасиос, Пела,а се разделиле од групата и се загубиле.

Грчката противпожарна служба, вчера добила повик за помош и од 14.30 часот, започнала спасувачката акција со три возила и 13 спасувачи. Доцна во ноќта, планинарите биле лоцирани во непрооден дел, но за жал не давале знаци на живот. По лоцирањето на местото каде што паднале двајцата планинари, од рано утрово, траеше акцијата на грчките пожарникари за извлекување на телата на планинарите.

Тим од седум обучени лица за спасување на планина од Битола, трагаа по двајца македонски планинари кои синоќа биле пријавени како исчезнати на планината Ниџе, под врвот Кајмакчалан.

– Според нашите информации групата планинари и туристи од Скопје на планината се искачувале во текот на вчерашниот ден, но две лица не се вратиле во собирното место. Настанот го пријавиле останатите членови на групата, а утрово тим од Битола со специјално обучени лица за спасување на планина замина на Кајмакчалан каде заедно со колегите од Грција трагаа по исчезнатите лица. Побаравме и помош од воздух, но заради влошените временски услови и густата магла, хеликоптерот во овој момент не може да ја надлетува планината, изјави за МИА, Димче Јошевски, претставник на Дирекцијата за заштита и спасување, одделение во Битола.

Според информации на МИА, цела група планинари и туристи се од Скопје. Тие викендов престојувале во едно грчко зимско одморалиште и се рекреирале на планината Ниџе.

Од МВР претходно информираа дека во Секторот за внатрешни работи Битола рано утрово околу 03:00 часот било пријавено дека на две лица-планинари, кои биле дел од група планинари од Македонија, едно машко и едно женско лице, им се губи трагaтa на планината Ниџе.

Настанот го пријавиле останатите членови на групата.

Според нивното кажување, по кратко време откако тргнале да се искачуваат на планината од страна на Република Грција, двајца членови се изгубиле, соопшти МВР.

За настанот биле известени и Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и грчките погранични служби.

Набргу потоа, телефоните на двајцата планинари се лоцирани на 100 метри во територијата на Република Македонија.

Студирајте на БАС
To Top