Новости

Македонија

И Латас, по примерот на Груевски и Јанакиески, побара снимање на судењето

И обвинетиот Драган Павловиќ-Латас побара визуелно и аудио снимање на судскиот процес за случајот „Тотал“. Тој, за адвокат на фирмите ја назначил неговата адвокатка Анита Бегова која рече дека сите биле спремни за судењето да почне уште од вторникот на минатото рочиште но прво бараат судот да обезбеди услови за снимање на целиот судски процес.

Адвокатките Светлана Савиќ и Анита Бегова приговараа на делови од записникот и ѝ укажаа на судијката Софче Гаврилова-Ефремова дека им биле извртени зборовите и речениците од минатото рочиште и побараа тоа да се исправи. Адвокатката Бегова, освен камера во судница, побара и три столчиња за нејзиниот тим.

Судијката Гаврилова-Ефремова укажа дека капацитетот и можностите на судницата се тие, дека таа суди во мала судница и дека единствено големата судница со број еден во Кривичниот суд е таа која може да обезбеди услови сите да може да седат и целиот судски процес да се снима.

Со оглед дека во големата судница веќе се закажани судски рочишта за обвиненијата на СЈО, судијката во 11 часот, откако ќе направи проверка за слободен термин, ќе го соопшти датумот за кога ќе биде насрочен случајот „Тотал“.

Пред отпочнување на рочиштето и Латас како и Јанакиески и Груевски побара од судот да не дозволи фотографите и снимателите да не влегуваат во судница. Судот го прифати неговото барање и рече дека иако имаат уредни дозволи од Врховниот суд, снимателите и фотографите не може да влезат во судница затоа што тоа го побарал обвинетиот и неговите адвокати.

 

 

 

 

 

Извор: МКД

To Top