Новости

Македонија

Кој празник повеќе го празнуваме: Свети Трифун или Свети Валентин?

Двата светители, кои живееле во исто време, со појавата на западната мода, повторно по 18 века се обединети и во православниот свет се слават во ист ден, кога луѓето љубовта ја чествуваат со убаво вино.

1-ви февруари според стариот календар, или 14-ти февруари според новиот календар е денот на кој се празнуваат празниците Свети Трифун и свети Валентин. Свети Трифун претставува православен празник посветен на виното и лозјето, додека свети Валентин е католички празник, ден на кој се празнуваат љубовта и пријателството ширум светот.

Во голем број земји во светот на 14-ти февруари се празнува свети Трифун или свети Валентин, но во последно време на овој ден најчесто се прославуваат двата празника истовремено.

Историја за настанувањето на празниците свети Трифун и свети Валентин

Иако свети Трифун и свети Валентин се прилично познати и комерцијализирани празници ширум светот, за нивните почетоци и историја на празнување се знае многу малку.

Светиот маченик Трифун е роден околу 225 година во малоазиската област Фригија. Тој потекнува од верско семејство, каде наклонетоста кон Бога му била пренесена од неговите побожни родители. Свети Трифун бил обдарен од Бога со исцелителна моќ со која преку молитви лекувал луѓе од разни болести.

За исцелителната моќ на свети Трифун дознал тогашниот римски император Гордијан, чија ќерка боледувала од душевна болест која ниту еден од докторите не можел да ја излекува. Легендата вели дека неговата ќерка Гордијана односно нејзиниот лош дух проговорил дека само Трифун е тој што можел да ја излекува. Бидејќи не било назначено кој Трифун, сите од царството кои го носеле името Трифун биле доведени кај царот за да се обидат да ја излекуваат неговата ќерка. Момчето Трифун по самото доведување веднаш ја излекувало ќерката на царот за што бил богато награден, а даровите кој ги добил ги поделил на сиромашните.

За време на владеењето на царот Децение кој бил голем противник на христијанството, било наредено свети Трифун да биде затворен и мачен, сè со цел тој да се откаже од својата наклонетост кон Бога. По неколку дневно мачење за кое свети Трифун не се откажал од вербата во Христа, било наредено да биде погубен. 1-ви февруари односно 14-ти февруари по новиот календар,  бил денот кога тој требал да биде погубен, каде пред самиот чин од истоштеност и умор тој паднал и починал.

Православната црква го слави како исцелител и светец кој се смета за заштитник на лозјата и почвата. Лозарите го прославуваат 14-ти февруари како ден на кој се закројуваат лозјата и се залеваат со вино сè со цел возобновување на лозјето и буен напредок во пролетта. На овој ден лозарите одат прв пат во календарската година на своите лозја со надеж дека овој светец ќе им помогне грозјето да биде благо и заштитено од штетници и временски непогоди.

За време на владеењето на римскиот император Клаудиј II , на римските војници им било забрането да се женат бидејќи била потребна поголема посветеност во војничките битки. Свети Валентин се спротиставувал на забраната на римскиот император за женење, и во тоа време тој тајно склучувал бракови помеѓу младите војници и нивните избранички.

За овој чин тој бил остро осуден, затворен и потоа погубен. Легендата вели дека Валентин испратил проштално писмо на една слепа девојка која се грижела за него додека тој бил затворен и измачуван. По примањето на писмото, девојката прогледала.

Од тука започнало испраќањето на писма кон саканите, а 14-ти февруари го добил епитетот – ден на љубовта. Обичајот за прославување на овој ден во чест на свети Валентин бил воведен од ќерката на англискиот крал Хенри IV уште во 17 век, и оттаму тој се проширил во целиот свет. На овој ден се празнува љубовта, почитта и пријателството.

Како се празнува свети Трифун – денот на виното

Во Македонија овој ден е проследен со разни обичаи во разни краеви од земјата. Во поголемиот дел од градовите во Македонија, рано изутрина се оди во црква каде по утринската молитва, попот свети вода која се раздава на верниците.

Се верува дека со попрскување на лозјата и градинарските култури со оваа света вода тие ќе бидат заштитети од штетници и временски непогоди во текот на целата година. Покрај попрскувањето со света вода, тие и се закројуваат за поголем бериќет и принос.

Од деветнаесеттиот век па се до денес во некои краишта овие обичаи за традиционално закројување на лозите останале достојни на своите корени а пак во некои тие се модифицирани или пак повеќе не се практикуваат.

Свети Валентин пак го прославуваат пред се младите. Вљубените излегуваат на вечера, си купуваат подароци и така го прославуваат овој празник познат и како Денот на вљубените.

Иако постојат многу различни ставови околу тоа кој е празникот кој треба да биде прославуван свети Трифун или свети Валентин, сепак во Македонија истовремено се празнуваат и двата празника. Свети Трифун – заштитникот на лозите  е празнуван како христијански празник ширум нашата земја посебно во Тиквешијата и пределите богати во лози.

Свети Валентин – денот на љубовта иако е католички празник, младите се во исчекување на овој ден за да ја искажат својата љубов кон саканиот/а на романтичен начин подарувајќи најразлични подароци.

Одбележете го овој ден со добра чаша вино во присуство на саканите. Среќен свети Трифун и свети Валентин.

GOLD
SN Finansii
To Top