Новости

Македонија

„Хепар Центарот“ од Битола во Брисел ги презентираше состојбите со хепатитот во Македонија

Светската здравствена организација е во процес на проценка на состојбите со хепатитот во Македонија. Со тоа ќе се прецизира каква поддршка и е потребна на Македонија во борбата против хепатитот, со цел СЗО да овозможи соодветна техничка помош во следните две години. Ова беше посочено во петокот на презентацијата на најновиот европски извештај на “ХЕП Кор” во Брисел, кој го подготвуваат Европската асоцијација на пациенти со болести на црниот дроб ЕЛПА и повеќе организации од Европа и Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, кои работат на елиминација на хепатитот во Европа.

„Македонија покажа сериозност и политичка посветеност со тоа што веќе се планира развивање на национална стратегија за борба против хепатитот. Таа национална стратегија ќе биде усогласена со глобалната стратегија. Светската здравствена организација има канцеларија во Македонија и ние можеме да обезбедиме техничка поддршка. Сега сме во процес на планирање за следните две години, така што со Министерството за здравство на Република Македонија ќе биде договорено каков вид на помош е потребна,“ изјави Антош Мазалевскис, од регионалната канцеларија на Светска здравствена организација за Европа.

На средбата во Брисел состојбите со хепатитот во Македонија ги презентираше Милан Мишковиќ од “Хепар центарот”-Македонија. Тој посочи дека официјално со хепатит се бори околу 1% од населението, но смета дека таа бројка е поголема бидејќи недостига редовен скрининг.

„Ако се зголеми скринингот на општата популација и ризичните групи можеме да откриеме точно со каква преваленца и инциденца моментално се соочуваме. Тоа е уште еден голем предизвик. Македонија е дел од европската агендата во процесот на елиминација на хепатитот. Институционална волја постои и сега е потребно пациентите да ја добијат најсовремената терапија и превентива. Со скрининг кампањи и современа терапија значајно ќе се намалат и хепатоцелуларниот карцином и карциномите на црниот дроб, а со тоа ќе се спасат многу човечки животи. Во следните две години ја имаме подршката од СЗО и други европски институции. Македонија мора да го искористи тоа за да не остане последната земја која ќе го решава овој проблем. Најголемиот бенифит е праќањето на еден толку опасен вирус во историјата, за да не стравуваме ние и нашите поколенија дека можеме да добиеме нешто што може да не чини живот,” изјави Милан Мишковиќ, претседател на “Хепар Центар” – Македонија.

Хепатитот се нарекува уште и тивок убиец, бидејќи симптомите се јавуваат дури во доцната фаза на болеста.

,,Мнозинството луѓе кои имаат хепатитис Ц, што е случај и со Македонија, не го знаат тоа. Тоа е главниот проблем. Затоа е многу важно да се вршат скрининзи со кои ќе се откријат болните,” изјави Џеф Лазарус, професор на Универзитетот на Барцелона.

Организациите кои што работат на борба против хепатитот се собраа токму во Брисел, во политичкото срце на Европа, за оттука да ја испратат пораката дека во битката со хепатитот може да се победи само со здружени напори. Стратегијата предвидува дека само така до 2030 година хепатитот може да се искорени од територијата на Европа. Истовремено беше посочено и дека е многу важно во борбата против хепатитот да се вклучат сите надлежни институции, но и земјите да соработуваат меѓу себе, бидејќи болеста не признава граници и лесно ги минува.

Европа стравува од хепатитот и поради мигрантите, но ризикот за Македонија е помал бидејќи се работи за транзитна земја.

,,Лично мислам дека тоа не е нешто што би требало премногу да ја загрижува Македонија. Деновиве слушнавме, дури и пред Европската комисија беше кажано, дека мигрантите не ја носат болеста со себе, туку се заразуваат во земјата во која престојуваат. Мигрантите се задржуваат во Италија, одат во Германија, Шведска,“ вели Татијана Реиќ, Претседател на Европската асоцијација на пациенти со болести на црниот дроб ЕЛПА.

Се проценува дека со хроничен хепатитис Б или хепатитис Ц се инфицирани околу 325 милиони луѓе во светот.

Karmen
To Top