Со забавна програма и огномет, со топли пијалоци и закуски, голем број прилепчани ја пречекаа Новата година заедно, на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ во центарот на Прилеп.

Разиграно, весело, со песна и оро на полноќ сите заедно упатија пораки за здравје среќа, радост и подобра и поспокојна 2018 година. На повеќе пунктови, здруженија жени делеа топли напитоци, закуски кои ги донираа прилепските угостители. За веселата атмосфера од 22 часот на 31 до првите часови по полноќ се погрижија групата „Д фор“, Шило и Белинда и неколку ди-џеи.

По одбројувањето на последните секунди од старата и во првите мигови од новата година, градоначалникот Илија Јованоски на прилепчани им посака среќна и бериќетна нова 2018 година.

– Нека Новата 2018 година ви донесе здравје, среќа, бериќет и се најубаво во, а оваа вечер хуманоста на сите нас  се потврди, рече Јованоски во новогодишната честитка.

Имено, парите на локалната самоуправа, наменети за прославата, која повеќето невладини, институции и стопански субјекти доброволно ја организираа, се наменети за отворање Дневен центар за децата заболени од церебрална парализа.